Папата: Бог е добар и милосрден

Папата: Бог е добар и милосрден

Првото читање од денешната Литургија од Делата на светите апостоли зборува за тоа како апостол Павле ги поканил во Ефес свештениците црковни – рече папата Фрањо на светата Литургија која ја служеше во домот Света Марта на 15 мај 2018 година.

Во денешниот дел од Делата на светите Апостоли се зборува како свети Павле ги повикува во Ефес свештениците црковни за да се збогува со нив. Но пред тоа тој прави еден вид испит на совеста, изнесувајќи што направил за заедницата и давајќи им го тоа за проценка. Павле помалку изгледа горд, но е објективен. Се гордее само со две работи: „со сопствените гревови и крстот на Исус Христос кој го спасил.“

Павле објаснува дека сега „сврзан со Духот“ мора да оди во Ерусалим – рече Папата и продолжи: Тоа е искуство на епископ кој знае да ги распознава духовите, кога знаа да расудува кога зборува Духот Божји и кој знае да се брани кога зборува духот на светот. Павле на некој начин знае дека оди во пресрет на неволјата и крстот, и тоа нѐ поттикнува на размислување за Исусовото влегување во Ерусалим. Он влегува за да страда, и Павле оди кон мака. Апостолот се предава на Господ во послушноста токму тоа значи тоа „сврзан со Духот.“ Павле е епископ кој секогаш оди напред, но преку Светиот Дух.

На крајот, апостолот се простува и покрај болката на присутните, им остава совети, својата порака која не е световна порака односно материјално наследство. Не бара тоа добро кое го остава да го дадат некому, а она другото на некој друг. Тоа е световна порака. Неговата голема љубов е Исус Христос. А втората љубов е стадото – истакна Светиот Отец и поттикна: Бдејте над самите себе и над целото стадо. Бдејте над стадото; бидете епископи за стадото, за да го чувате стадот, а не постојано да напредувате во црковната кариера.

Папата ги доверува презвитерите на Бог со уверување дека Тој ќе ги чува и ќе им помогне. Потоа се враќа на своето искуство зборувајќи дека не сака за себе „ниту сребро, ни злато, ниту, пак, облека“ – потсети папата Фрањо и продолжи: Пораката на Павле е сведоштвото, но и навестувањето и предизвикот со кои сака да каже: „Јас поминав по тој пат, а сега продолжете вие.“ Колку таа порака е далеку од световните пораки кои оставаат многу материјални добра!? Павле нема ништо, туку само Божјата благодат, апостолската храброст, објавата на Исус Христос и спасението кое Господ му го дал.

Кога тоа го читам, мислам за себе – рече Папата – затоа што сум епископ и морам да се простам. Го молам Господ за благодатта да можам така да се простам. По испитот на совеста нема да излезам победник како Павле, но Господ е добар и милосрден. Мислам на сите епископи – рече Светиот Отец и заврши: Нека Господ на сите нас ни даде благодат за да можеме така да се простиме во тој дух, со таа сила, со таа љубов на Исус Христос, со таа доверба во Светиот Дух.

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот