Декларација од Кастел Гандолфо, ниту една машина не смее да одлучува за опстанокот на човештвото
Околу 200 познати личности, научници и мислители во „Декларацијата од Кастел Гандолфо“ предупредуваат на опасноста од поврзување на вештачката интелигенција со нуклеарните системи.
Декларацијата, изготвена деновиве за време на конференција во папската летна резиденција во Албанските Ридови, повикува на подобри и постабилни канали за комуникација меѓу државите, како и на меѓународен надзор и регулирање на вештачката интелигенција.
На конференцијата учествуваа околу 200 лица, меѓу кои бројни добитници на Нобелова награда и искусни државници.
Меѓу личностите што во четврток ја претставија „Декларацијата од Кастел Гандолфо“ беше и кардинал Балдасаре Реина. Тој нагласи дека вистинското прашање не се однесува на „новата технологија сама по себе“, туку на „човечкото срце што ја насочува, совеста што ја води и политиката што ја регулира“.
Еден од најсериозните предизвици на нашето време
„Декларацијата што денес се претставува нè потсетува дека ниту една машина, ниту еден алгоритам и ниту еден автономен систем не смее да биде ставен во центарот на одлуките од кои зависи опстанокот на човештвото. Одлуките што се однесуваат на животот и смртта, мирот и војната, иднината на народите и идните поколенија, мора да останат под целосна, одговорна и осмислена човечка контрола“, рече кардиналот Реина.
Можните врски меѓу вештачката интелигенција и нуклеарните системи, генералниот викар на Папата за Римската епархија ги нарече „еден од најсериозните предизвици на нашето време“. Според него, ризикот не е само воен или технолошки, туку и човечки, етички, духовен и граѓански.
„Кога разорната моќ расте побрзо од способноста за дијалог, кога автоматизацијата напредува побрзо од разумната претпазливост, кога недовербата меѓу народите станува трајна структура, тогаш целото човештво е повикано да застане и повторно да го избере патот на одговорноста. Мирот не може да се темели врз рамнотежа на стравот. Безбедноста изградена врз заканата од заемно уништување секогаш останува кревка, привремена и подложна на грешки, погрешни процени, несреќи и ненадејни кризи“, истакна тој.
Не е наивно да се зборува за разоружан мир
Кардиналот Реина нагласи дека не станува збор за „наивност“ кога папата Лав XIV, како и во своето прво обраќање по изборот за Папа на 8 мај минатата година, повикува на „разоружан мир“.
Според него, тоа значи одбивање да се изедначуваат безбедноста и заканата, силата и насилството, стабилноста и стравот.
„Да се разоружи не значи само да се намалат арсеналите оружје. Тоа значи да се разоружат начинот на размислување, јазикот, економските системи и меѓународните односи. Тоа значи премин од економија на војна кон економија на мир. Тоа значи да не се инвестира во можно уништување, туку во реалниот живот на народите: здравје, образование, храна, животна средина, достоинствена работа и интегрален човечки развој“, рече кардиналот.
На собирот зборуваше и калифорнискиот добитник на Нобеловата награда за физика, Дејвид Грос. Тој предупреди дека, според него, опасноста од нуклеарното оружје денес е многу поголема отколку пред триесет години.
Грос посочи дека договорите за контрола на вооружувањето истекле, а девет држави веќе станале нуклеарни сили.
„Ве молиме да го намалите ризикот од војна, нуклеарна војна и целосно уништување. Сетете се на својата човечност и заборавете сè друго“, порача тој.
Ватикан њуз/к.мк

