Папата Фрањо: Греши кој го осудува братот

Греши кој го осудува братот и ќе му се суди на истиот начин. Бог е единственот судија, а кој е осудуван секогаш може да смета на одбраната на Исус, на својот прв бранител и на Светиот Дух – рече папата Фрањо во проповедта на светата Литургија на 23 јуни во капелата на домот Света Марта.

Кој присвојува некое непристојно место или улога, губитник е бидејќи лично ќе биде жртва на недостигот од милосрдието. А тоа се случува на оној кој го суди својот брат – рече Папа коментирајќи го делот од Евангелието кој говори за трнот и гредата во окото. Папата многу јасно вели: Греши секој кој го суди својот брат, бидејќи Бог е единственот судија. Името „лицемери“, кој Исус го упатува на толкувачите на законите, всушност е упатен на сите кои непромислено судат – истакна папата Фрањо додавајќи дека Божјиот суд е секогаш промислен.

Затоа кој осудува греши бидејќи присвојува место кое не му припаѓа, а не само што греши, туку и се губи и се збунува; опседнат е со оној кој сака да го суди бидејќи силно му смета трнот во окото на брат му. Таквиот ги меша трнот и гредата и не ја разбира стварноста. Затоа неправилно суди, а губитник е бидејќи ќе му се суди со иста мерка – истакна Папата.

Само Бог може да суди и оние на кои им ја дал таа власт за да судат – објасни папата Фрањо додавајќи дека во однос на судењето треба да го следат Исусовиот пример. Исус пред Отецот никогаш не осудува. Напротив брани; прво е Утешител, а потоа го испраќа и другиот Утешител, Светиот Дух. Тој е бранител: Тој нѐ брани пред Отецот од обвинувања. А кој е обвинител? Светото Писмо вели дека тужител е сатаната. Исус ќе суди на свршетокот на светот, а во меѓувреме посредува и нѐ брани – објасни Светиот Отец.

Завршувајќи ја проповедта Папата рече дека оној кој осудува го имитира кнезот на овој свет, кој секогаш пред Бог ги обвинува другите. Нека Бог ни даде милост да го имитираме Исус – застапникот, бранителот и застапник на сите, а не оној кој ќе нѐ уништи. Ако сакаме да одиме по правиот пат, тогаш како Исус пред Бог мораме да ги браниме другите, а не да ги осудуваме. Не суди за да не бидеш суден – истакна Папата.

РВ/Д.И.

Категорија: Ватикан

За авторот