Папата остро го осуди нападот во Париз

Папата остро го осуди нападот во Париз кој се случи во седиштето на сатиричниот весник “Charlie Hebdo“ во кој животот го загубија 12 лица, наведено е во соопштението на о. Федерико Ломбарди, директор на Канцеларијата за печат на Светиот Престол кој го пренесе Радио Ватикан.

Светиот Отец најсилно го осудува ужасното крвопролевање во нападот со голем број на жртви кој го зави во црно градот Париз и предизвика запрепастување на целото француско општество и длабока загриженост кај сите луѓе кои сакаат мир и далеку од границите на Франција.

Папата во својата молитва сочувствува со страдањето на ранетите и со семејствата на загинатите и ги повикува сите да се спротивстават со сите средства на ширењето на омразата и сите видови на насилство, физичко и морално кое го уништува човечкиот живот, го крши достоинството на луѓето, длабоко го поткопува темелното добро на мирен соживот меѓу поединците и народите без оглед на разликата во националноста, религијата и културата.

Без разлика на неговата мотивацијата, убиственото насилство е одвратно, никогаш не може да се оправда, животот и достоинството сите треба одлучно да го гарантираат и заштитуваат, секој поттик на омраза треба да се отфрли, а почитувањето на другиот да се негува. Папата ја изразува својата близина, својата духовна солидарност и својата поддршка на сите оние кои во согласност со своите различни одговорности, продолжуваат доследно и предано да се заземаат за мир, правда и закон, во длабочината на изворите да ги лекуваат причините за омраза во овој болен и драматичен момент во Франција и сите делови во светот означени со тензии и насилство.

РВ/Д.И.

Категорија: Ватикан

За авторот