Папата: Ние сме како разделени браќа на една мајка кои треба да најдат разбирање

Папата: Ние сме како разделени браќа на една мајка кои треба да најдат разбирање

Папата Фрањо се врати во Ватикан. За време на летот од Атина до Рим, тој традиционално разговараше со новинарите, а по слетувањето замина најпрво во базиликата Света Марија Велика.

Резултатите од патувањето, мигрантите, братството со православните, претстојната средба со московскиот патријарх, случајот со парискиот надбискуп, за овие и други теми папата Фрањо ги сподели своите размислувања со новинарите за време на летот од Атина до Рим.

Во понеделник, 6 декември 2021 година, заврши неговото 35. Апостолско патување, кое вклучуваше посети на Кипар и Грција. Слетувајќи во 12.50 часот по локално време на меѓународниот аеродром Чампино во Рим, Светиот Отец традиционално ја посети базиликата Света Марија Велика пред да се врати во Ватикан за да и се заблагодари на Небесната Мајка за нејзината придружба и успех.

Простување и патот до единството

За време на последната фаза од патувањето, Папата според обичајот, одговара на прашања на новинарите. Како и секогаш, први прашањата ги поставија претставниците на земјите домаќини. Кипарскиот телевизиски новинар, нагласувајќи ја смелоста на Папата да се извини на православните, го праша што планира Ватикан да помири меѓу католиците и православните, заедничката прослава на 1700 годишнината од Првиот Вселенски Собор во 2025 година и неодамна дискутираниот документ во медиумите кој што препорачуваше да се избегнува употребата на зборот „Божиќ“ во комуникацијата со ЕУ.

Светиот Отец истакна дека причината зошто ни е тешко да се извиниме е „духот на самодоволност“. Во овој контекст, тој повторно потсети дека Бог никогаш не се изморува да простува, ние сме тие кои се изморуваме да бараме прошка. „И ако не бараме од Бога прошка, не би смееле да помислиме да побараме од нашите ближни“, рече Папата и истакна дека е потешко да се бара прошка од брат, бидејќи тоа вклучува чувство на срам и понизност. Но, тоа е неопходно во денешниот свет и затоа почувствував потреба да се „извинам за поделбите, барем за оние за кои придонесовме“. Во однос на патот до единството, римскиот бискуп го истакна патот на синодалноста, што значи заедно да чекориме, да се слушаме.

Секоја земја има свои карактеристики

Понатаму, Папата ја нарече дебатата за Божиќ „анахронизам“, бидејќи низ историјата многу диктатури сакале да го сторат тоа, а тоа е прашање на „мода на разводнет секуларизам“. Меѓутоа, тоа „не функционирало низ историјата“. Европската унија, од друга страна, мора да ги земе предвид идеалите на татковците основачи, чии идеали беа единството и да се избегнува идеолошката колонизација, која може да доведе до поделба меѓу земјите и пораз на европскиот проект.

„Европската унија мора да ја почитува секоја земја, различноста на земјите, а не да бара униформност. Мислам дека нема да го направи тоа, не и беше тоа намерата“, рече Светиот Отец, нагласувајќи дека „секоја земја има свои карактеристики, но и секоја земја е отворена за други земји“. Мора да бидеме будни за единството, да се почитува индивидуалноста на секоја земја за да не стане двигател на идеолошка колонизација.

Закани за демократијата

Новинар од Грција, во светло на говорот на Папата за време на средбата со властите во Атина, кога зборуваше за падот на демократијата, побара да објасни на кои земји мисли и што може да им каже на лидерите кои се декларираат како побожни христијани, но поддржуваат недемократски политичари и вредности.

Папата Фрањо истакна дека „демократијата е богатство на цивилизацијата и мора да биде заштитена“, како и „демократијата на другите“. Според него, демократијата денеска се соочува со две закани. Првата е популизмот, бидејќи нацизмот беше голем популизам, кој наводно, бранејќи ги националните вредности, успеа да го уништи демократскиот живот и да се претвори во брутална диктатура. Денешните влади, и десните и левите, се во искушение да паднат во популизам кој нема никаква врска со „слободното изразување на народите“. Од друга страна, имаме тенденција да ја ослабнеме демократијата кога се жртвуваат националните вредности, кон еден вид „царство“, на наднационална влада.

Како да се одговори на миграцијата

Претставник на германската агенција за печат зборуваше за миграцијата, споменувајќи ја и Источна Европа и бодликавата жица. Што очекува Папата од земјите како Полска, Русија или Германија со новата влада?

Според Светиот Отец, денес „постои мода за ѕидови или бодликава жица“. „Прво што ќе кажам е да се размисли за времето кога си бил мигрант и не ти дозволувале да влезеш. Некогаш сакавте да избегате од својата земја, а сега сакате да изградите ѕидови“, рече тој, нагласувајќи дека тие што градат ѕидови ја „губат смислата на историјата, на сопствената историја“. Според него, зад оние што градат ѕидови се крие искуството на сопственото ропство…

Папата додаде дека секоја влада има право да каже дека има одредени можности да прими мигранти. Но, мигрантите треба да бидат примени, придружувани, поддржани и интегрирани. И кога владата не може да прифати одреден број, мора да се вклучи во дијалог со другите земји за да го сподели овој товар. Важно е, рече Папата, прифаќањето да биде проследено со интеграција, а не со гетоизација, што може да доведе до заканувачки феномени. Не е лесно да се примат мигранти, да се реши проблемот со миграцијата, но ако не го решиме ризикуваме уништување на цивилизацијата, рече Светиот Отец.

Во тој контекст, Папата уште еднаш го сврте вниманието на трагедијата на оние мигранти кои паѓаат во рацете на трговците со луѓе кои им ги земаат сите пари и ги транспортираат со брод. И кога ќе ги вратат назад, тие повторно паѓаат во рацете на трговците со луѓе, паѓајќи во ропство. „Значи, исто како што не можете едноставно да прифатите мигрант и да го оставите туку така, туку треба да го придружувате, поддржувате и интегрирате, исто така и кога ќе го вратите мигрантот назад, треба да го придружувате, поддржувате и интегрирате во неговата земја, не го оставајте на либискиот брег. Затоа што тоа е сурово“, нагласи Светиот Отец.

Мораме заедно да одиме кон единство

Осврнувајќи се на средбата на папата Фрањо со православните архиереи, новинарот на руската агенција „ИТАР-ТАСС“ праша за претстојната средба со патријархот Кирил, кои се заедничките проекти и кои се тешкотиите.

Како одговор, римскиот бискуп истакна дека оваа средба не е далечен хоризонт и дека митрополитот Иларион треба да пристигне следната недела за да се договорат деталите за евентуална средба.

„Патријархот треба да оди на патување, можеби во Финска, а јас сум секогаш подготвен да одам во Москва за да имам дијалог со мојот брат. Не е потребен протокол за да се води дијалог со братот, без разлика дали се работи за православен брат по име Кирил, или Хризостом или Јероним“, рече Светиот Отец и додаде дека на овие средби работите се кажуваат лице в лице, но братски. Тоа се браќа кои „и припаѓаат на иста мајка, мајката Црква, но донекаде се поделени, некои според наследството, некои ги поделила историјата “. „Но, ние мора да се обидеме да чекориме заедно, да работиме и да го постигнеме патот на заедништвото и единството. Благодарен сум на Јероним, Хризостом и на сите патријарси кои ја делат оваа желба заедно да одиме напред“, додаде Папата, истакнувајќи дека додека теолозите бараат решенија за надминување на постоечките пречки, ние веќе можеме да работиме и да се молиме заедно.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот