Папата се сретна со рускиот митрополит Иларион

Папата се сретна со рускиот митрополит Иларион

На 26 септември 2017 година, во Ватикан, папата Фрањо се сретна со митрополитот Иларион, шеф на одделот за надворешни работи на Руската православна црква, кој дојде во Рим, за да му се заблагодари на Светиот Отец за позајмување на моштите на свети Никола, бискуп на Мир.

Имено, моштите на светецот, кои се наоѓаат во јужноиталијанскиот град Бари, два месеци беа во Москва и Санкт Петербург и привлекоа голем број православни поклоници.

Во разговор за Радио Ватикан, митрополитот рече дека тој и Папата разговарале за тензиите во Украина, како и за заедничките напори да се поддржат христијаните на Блискиот Исток. И покрај затоплените односи помеѓу Москва и Рим, рече дека за сега нема планови за посета на Папата на Русија или посета на патријархот Кирил на Ватикан.

Нагласи дека транслацијата, односно пренесот на моштите на свети Никола во Русија беше посебен настан, бидејќи речиси 2,5 милиони луѓе дојдоа за да се поклонат и знаеја да стојат во редови и по десет часа. Рече дека низ многу децении се развивале односите помеѓу католиците и православните далеку од очите на обичните луѓе во Русија. Првиот настан кој им го привлече вниманието беше историската средба на папата Фрањо и патријархот Кирил во февруари минатата година, но првиот настан во кој народот учествуваше беше чествувањето на моштите.

На прашањето за заеднички проекти, митрополитот Иларион рече дека неговата Црква воспоставила работна група со католиците за да овозможи хуманитарна помош на христијаните на Блискиот Исток, посебно во каталогизирањето на црквите, манастирите и светилиштата кои се уништени за време на војната во Сирија. Изрази надеж дека војната наскоро ќе заврши, додавајќи дека обновата на земјата и црквите како и овозможувањето на безбедни простори за христијаните да се вратат во своите домови, ќе биде ограмна задача.

Зборувајќи пак за верската слобода во Русија, митрополитот загриженоста на некои новинари ја оцени како неоснована. Рече дека на Јеховните сведоци неодамна им е забрането делување во таа земја ,бидејќи не се сметаат за христијанска Црква, туку за секта.

Исто така рече дека со папата Фрањо разговарале за ситуацијата во Украина, каде, според неговото мислење, кршењето на верската слобода е видлива и отворена. Ги спомна законите кои ги предложи украинскиот парламент, а со кои би се дискриминирала Украинската православна црква – Московска патријаршија која се обвинува дека е руски агент и кон неа се однесува како кон странска верска организација.

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот