Премиерот Џафери упати честитка до бискупот Стојанов по повод празникот Велигден

Премиерот Џафери упати честитка до бискупот Стојанов по повод празникот Велигден

Претседателот на Владата на Македонија, Талат Џафери, по повод празникот Воскресение Христово – Велигден упати честитка до Скопскиот бискуп и Струмичко – скопски епарх монс. д-р Киро Стојанов, која ја пренесуваме во целост.

Почитуван монсињор д-р Киро Стојанов

Задоволство ми е во име на Владата на Република Северна Македонија и во мое лично име, да го честитам најголемиот христијански празник, Воскресение Христово – Велигден, на Вас, на свештенството и монаштвото на Католичката црква, на граѓаните од католичка вероисповед и на сите граѓани кои го чествуваат празникот.

Велигден ја слави победата на животот над смртта. Како и сите големи празници, и Велигден е извор на духовна сила на луѓето за надминување на предизвиците кои ги носи животот со трпение и мудрост. Тоа е и мотив за вербата дека личното добро и благосостојбата се можни само како дел од заедничкото добро и благосостојба. Убеден сум дека празничниот дух Ве охрабрува и Вас во Вашата благородна мисија на водење на припадниците на католичката вероисповед во секој нивни чекор по исправниот пат на меѓусебно почитување и разбирање, по којшто, уверен сум дека заедно продолжуваме и во иднината.

Монсињор Стојанов, лично, Ви пожелувам добро здравје, спокој и среќа меѓу блиските, а на општествено ниво, мудрост, волја и енергија за ширење на пораки на мир, просперитет и солидарност меѓу нашите граѓани, во нашата држава, но и насекаде во светот.

Имајте празнични денови во мир и благодат, честит Велигден!

м-р Талат Џафери

фото: vlada.mk

Категорија: Вести, Македонија

За авторот