Папата: При навестување на Евангелието, посветениот живот треба да се прилагоди на околностите на времето

Папата: При навестување на Евангелието, посветениот живот треба да се прилагоди на околностите на времето

На средбата со членовите на Советот на приори на Конфедерацијата на редовни каноници на свети Августин, Папата посочи дека да му се посветиш на Бога значи да го направиш Евангелието правило на својот живот, да ги сакаш Христос и Црквата, неговото тело. Ова значи и прилагодување на околностите на времето, местото и културата. Конгрегациите не смеат да се изолираат, туку да ја живеат сегашноста, отоврајќи се за иднината. Духовноста на средбите, слушањето и дијалогот е од суштинско значење за синодалноста

Основното правило на монашкиот живот е да се наследува Христос, како што го нуди Евангелието, и земањето на Евангелието како правило на животот, така што ќе можеме со свети Павле да кажеме: Не живеам повеќе јас, туку Христос живее во мене – истакна папата Фрањо при обраќањето пред Советот на Конфедерацијата на редовни каноници на Свети Августин, кого во сабота 13 јануари 2023 година ги прими во библиотеката на Апостолската палата. Истовремено, ги поттикна да го направат евангелието свој вадемекум, да не го сведат на идеологија, туку секогаш да им остане дух и живот.

Евангелието постојано нѐ упатува да го ставиме Христос во центарот на нашиот живот и нашето послание. Нè враќа на „првата љубов“. Да се сака Христос значи да се сака Црквата, неговото тело. Посветениот живот се раѓа во Црквата, расте со Црквата и донесува плод како Црква. Во Црквата, како што нѐ учи свети Августин, го откриваме целосниот Христос.

Во потрага по Бога

Подиректно обраќајќи им се на редовните каноници на свети Августин, Папата зборуваше за човечкиот копнеж по Бога, кој епископот на Хипо го опишува во Исповедите и објасни дека Бог нѐ создал за себе и нашето срце е немирно додека не се смири во него. Поради оваа причина, редовните каноници најчесто се посветуваат на постојано и секојдневно барање на Господ. Пред се во животот на заедницата, затоа што коинонија, односно заедништвото и братската врска, го прават секој градител, ткајач на братството – истакна Светиот Отец.

Господ треба да се бара во упорното читање на Светото Писмо, на чии страници одекнува Христос и Црквата. Господ треба да се бара во Литургијата, посебно во Евхаристијата, врвот на христијанскиот живот, кој го означува и остварува единството на Црквата во склад со љубовта. Треба да се бара во учењето и редовната пасторална грижа. Треба да се бара и во реалноста на нашето време, знаејќи дека ништо човечко не може да ни биде туѓо и дека, ослободени од секаква световност, можеме да го зајакнеме светот со квасецот на Царството Божјо.

Школата на Свети Августин

Меѓутоа, потрагата по Бога во школата на свети Августин го претпоставува патот на душата, совеста и љубовта кон Господа– забележа папата Фрањо и потсети на опомената на епископот од Хипо да се најдеме во нашата внатрешност – односно не излегувај од себе, постојано влегувај во себе; вистината престојува во нашата внатрешност“ – објаснувајќи дека таму светлината на внатрешниот Учител ја осветлува нашата временска реалност.

Конфедерација на конгрегациите – средство за синодалност

Папата на редовните каноници на свети Августин им зборуваше и за важноста на нивната конфедерација, која ја формираше Иван XXIII во 1959 година, а чија цел е да го поддржи единството меѓу конгрегациите што ја споделуваат истата харизма. Тој ги истакна целите на тоа тело, меѓу кои и меѓусебното помагање меѓу конгрегациите во однос на духовната димензија, формацијата на младите, постојаната формцаија и промовирање на културата. При тоа Папата напомена во конфедерацијата да се избегнува изолација на поединечни конгрегации, што е опасно.

Треба да бидеме многу внимателни за да се заштитиме од болеста на самореференцијалноста и да го зачуваме заедништвото меѓу различните конгрегации како вистинско богатство. Свесни сте дека сите сте во ист кораб и дека никој не ја гради иднината со тоа што ќе се изолира или користи само сопствената сила, туку препознавајќи се во вистината на заедницата која е секогаш отворена за средби, дијалог, слушање и заемна помош. Да се практикува духовноста на средбите; тоа е суштинско за живеење на синодалноста во Црквата.

Прилагодете се на околностите на времето

Дополнително, Папата истакна дека посветениот живот треба да се прилагоди на околностите на времето и ги упати редовните каноници да се приспособат и на различните места и култури во кои се присутни, секогаш во светлината на Евангелието и нивната сопствена харизма, бидејќи сеќавањето е добро ако е плодно, инаку е археолошко, се претвора – како што рече – во музејски експонати кои можеби се достојни за восхит, но не и за наследување. Напротив, сеќавањето на сопствената историја, сопствените корени ни помага да ја живееме сегашноста целосно и без страв, за да можеме да се отвориме за иднината со обновена надеж. На крајот, папата Фрањо ги поттикна редовните каноници на свети Августин да ја преиспитаат својата харизма и да ја зајакнат животната заедница по примерот на првобитната апостолска заедница, исчекувањето на целосно и конечно единство во Бога и патот кон него.

Ватикан њуз/к.мк

 

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот