Папата: Победи ја рамнодушноста и гради култура на средба

Да се трудиме да изградиме вистинска култура на средби за да ја победиме културата на рамнодушноста: порача папата Фрањо за време на светата Литургија на 13 септември 2016 година во домот Света Марта.

Зборувајќи за средбата на Бог со својот народ, предупреди на лошите навики кои дури и во семејството нè оддалечуваат од меѓусебното слушање.

Толкувајќи го текстот од Евангелието според Лука за враќањето од мртвите на синот на вдовицата од Наин (Лк 7, 11-17), Папата нè води низ размислување за средбата. Луѓето често поминуваат едни покрај други без да се сретнат, рече Папата. Секој мисли на себе, гледа но не видува, слушаат но не чуе.

„Но, средбата е нешто сосема друго истакнува Светиот Отец, денес Евангелието ни навестува средба: средба помеѓу маж и жена, помеѓу живиот син и мртвиот син единец.“ Папата предупредува дека сликата за средбата на двете групи луѓе оние радосните што го следат Исус и оние во погребната поворка нè поттикнува на размислување за тоа како ние се среќаваме.

Во Евангелието читаме како Господ гледајќи ја ужалената жена што го погребува синот бил обземен од големо сочувство. Неговото сочувство не е како нашето, кога во минување ќе видиме нешто што нè растажува и само помислуваме: „Штета!“ Исус застанува, го обзема сочувство. Се приближува до жената, нагласува Папата, „навистина се среќава и потоа прави чудо.“

Средбата со Исус ја победува рамнодушноста и го враќа достоинството. Во овој пример ги гледаме и нежноста и плодовите на средбата. „Секоја средба е, повтори Папата, плодна. Секоја средба ги враќа луѓето и работите на своето место.“ „Ние навикнати на културата на рамнодушност мораме да се трудиме и да молиме за милоста да создадеме култура на средба, плодна средба која на секој човек ќе го врати сопственото достоинство на дете Божјо, достоинството на живиот.“

„Навикнати сме на рамнодушноста додека ги гледаме големите несреќи во овој свет или пак некои мали работи, си помислуваме: „Штета, кутрите луѓе колку само трпат,“ „и одиме понатаму.“ Ако јас не гледам, нагласува Папата, ако не застанам, ако не допрам, ако не прозборам – не можам никого да сретнам и не можам да помогнам во создавањето на културата на средба.

Според Евангелието по Лука луѓето ги опфатило страв откако го виделе чудото и го славеле „Бог Кој го посети Својот народ“, истакнува Папата и продолжува како секој ден во Црквата со задоволство ја гледа средбата на Исус и неговата свршеница Црквата која го чека Неговото враќање.

Папата поттикнува нека и во семејството се живее вистинската средба, нека сите меѓусебно се слушаат на масата. „Често во семејството на трпезата се јаде, се гледа телевизија или се испраќаат пораки преку мобилен. Сите се рамнодушни во текот на таа средба. Во јадрото на општеството, во семејството – нема средба. Нека ова ни помогне да се трудиме околу културата на средба на едноставен начин како Исус. Не само да видиме: туку да гледаме. Не само да чуеме: да слушаме. Не само да поминуваме едни покрај други, туку да застанеме. Не само да кажеме „штета кутрите луѓе“ туку да дозволиме да нè опфати сочувство. Приближи се, допри и кажи со јазикот, со јазикот на срцето: „Не плачи“ и пружи барем капка живот.“

РВ/к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот