Во Ватикан започна априлскиот состанок на Кардиналскиот совет

Во Ватикан започна априлскиот состанок на Кардиналскиот совет

На 15 април 2024 година во присуство на папата Фрањо започна априлскиот состанок на Кардиналскиот совет. Последниот беше во февруари, на кој присуствуваа и три жени кои разговараа со кардиналите и Папата за улогата на жената во црквата.

На 15 април 2024 година, во Ватикан во присуство на папата Фрањо започна априлскиот состанок на Кардиналскиот совет, соопшти Канцеларијата за печат на Светиот Престол.

Последната средба се одржа во февруари

Последната средба се одржа од 5 до 7 февруари, а на неа учествуваа три жени, кои дадоа свој придонес за улогата на жената во Црквата. Тоа беа сестра Линда Почер, монахиња од Дружбата на сестрите на Ќерките на Марија Помошничка и професорка по христологија и мариологија на Папскиот факултет за образовни науки Аксилиум во Рим; Џулива ди Берардино посветена девица од бискупијата Верона, учителка и водач на курсеви за духовност и духовни вежби; Џо Бејли Велс, бискуп на Англиската црква и генерален секретар на Англиканската заедница. Во фокусот на средбите на кардиналите со Папата и секретарот на Кардиналскиот совет во февруари беа и тековниот синодален пат во Црквата и евангелизацијата со извештаите на кардиналот Луис Антонио Тагле и надбискупот Рино Физикела, префект на Дикастеријата за евангелизација.

„Нов“ Кардиналски совет

Советот на кардиналите, откако беше обновен од папата Фрањо на 7 март 2023 година, го сочинуваат кардиналите Пиетро Паролин, државен секретар; Фернандо Вергез Алзага, претседател на Папската комисија за државата Ватикан и администрацијата на државата Ватикан; Фридолин Амбонго Бесунгу, надбискуп на Киншаса; Освалд Грацијас, надбискуп од Бомбај; Шон Патрик О’Мали, надбискуп од Бостон; Хуан Хозе Омела Омела, надбискуп на Барселона; Жералд Лакроа, надбискуп на Квебек; Жан-Клод Холерих, надбискуп на Луксембург; Серхио да Роша, надбискуп на Сан Салвадор де Баија. Секретар е монсињор Марко Мелино, титуларен бискуп на Кресима. Првиот состанок на новиот Кардиналски совет се одржа на 24 април.

Формирање на Кардиналскиот совет

Советот беше основан од папата Фрањо со хирограф од 28 септември 2013 година, со задача да му помогне во управувањето со општата Црква и да го проучува проектот за ревизија на Римската курија, што се спроведува во согласност со новата апостолска конституција Praedicate Evangelium, објавена на 19 март 2022 година. Првиот состанок на Кардиналскиот совет се одржа на 1 октомври 2013 година.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот