Папата: Откријте го радосниот аспект на преобраќањето
По молитвата Ангел Господов папата Фрањо потсети дека вчера е завршена конференцијата за климата во Париз, изразувајќи надеж дека во спроведувањето на постигнатиот договор посебно внимание ќе се пружи на ранливото население.
Радоста на христијаните не е површна и минлива, туку длабока и трајна реалност, затоа што нејзината причина е сигурноста дека Господ е близу – рече Светиот Отец на пладневниот наговор пред молитвата Ангел Господов на 13 декември. Напоменувајќи дека во денешниот евангелски дел Иван Крстител на три начини повикува на единствениот и ист пат на преобраќање кое се покажува во конкретното залагање за праведноста и солидарноста. Папата рече дека тој е патот на кој укажува Исус: патот на активна љубов кон ближниот.
Ниту една категорија на луѓе не е исклучена од патот на преобраќањето и спасението, дури ниту цариниците кои во тоа време се сметале за грешници по дефиниција. Бог никого не исклучува од можноста за спасение. Тој сака да ја покаже својата милост кон сите и да го прифати секој со нежната прегратка на помирувањето и простувањето – рече папата Фрањо.
Истакна дека резимето на пораката на свети Иван Крстител е неговиот повик: „Преобратете се!“, а денешната Литургија ни помага да го откриеме аспектот на радоста на преобраќањето. Радоста на христијаните е трајна и длабока реалност затоа што таа е Божји дар и произлегува од сигурноста дека Господ е близу – објасни Папата.
По молитвата Ангел Господов потсети дека вчера е завршена конференцијата за климата во Париз „со усвојување на договорот кои многумина го нарекуваат историски.“ Неговото спроведување ќе бара заедничка и великодушна посветеност на сите вклучени – рече Папата изразувајќи надеж дека посебно внимание ќе се пружи на ранливото население и поттикнувајќи ја меѓународната заедница да продолжи патот со залагање за поголема и делотворна солидарност.
Освен тоа потсети дека на 15 декември во Најроби ќе започне конференцијата на Светската трговска организација. Обраќајќи се на учесниците ги поттикна во своите одлуки да водат сметка за потребите на сиромашните и ранливите луѓе, за легитимните аспирации на помалку развиените земји како и за општото добро на целото човечко семејство.
Потоа папата Фрањо рече дека денес во сите катедрали во светот се отворени Светите врати за Јубилејот на милосрдието за Светата година да може во полнина да се доживее и на локално ниво. Потсети дека како посебен израз на делата на милосрдието во местата на непријатности и маргинализација ќе биде отворена „Врата на милосрдието“. Во тој контекст ги поздрави затворениците во сите затвори во светот. Обраќајќи се на крајот на членовите на движењето на фоколарините кои на плоштадот Свети Петар беа со членовите на неколку муслимански заедници, Папата ги поттикна: Издржете со храброст на својот пат на дијалогот и братството бидејќи сите сме Божји деца.
РВ/к.мк/Д.И.