Во основата на семејната радост е Божјата присутност

Ако вратата на семејството не се отвори за Божјата присутност и Неговата љубов тогаш се губи складот, преовладуваат индивидуализмот и исчезнува радоста. Семејството пак кое ја живее радоста на верата и спонтано ја пренесува, тоа е сол на земјата и светло на светот, квасец за целото општество – рече папата Фрањо пред молитвата Ангел Господ во недела 27 декември 2015 година

После молитвата Ангел Господов, обрати внимание на многубројните кубански мигранти кои имаат потешкотии во Средна Америка, многумина како жртви на трговија со луѓе. Затоа ги повика државите од тоа подрачје великодушно да ги обноват сите настојувања да се пронајдат решенија за таа хуманитарна драма.

Потсетувајќи на денешниот празник на Светото семејство Исус, Марија и Јосиф, Папата ги поздрави сите семејства кои – како што рече – во наше време се изложени на неразбирање и разни видови на потешкотии кои го слабеат. Светиот Отец истакна дека во семејството на Исус, Марија и Јосиф се восхитуваме на исполнувањето на Божјиот план семејството да го направи заедница на живот и љубов и согледуваме дека секое христијанско семејство е повикано да биде „домашна црква“ во која сјајат евангелските крепости. Според папата Фрањо, редовни карактеристики на Светото семејство се заедништвото и молитвата, меѓусебното разбирање и почитување, духот на пожртвуваноста, напорната работа и солидарноста.

Светото семејство е пример за живот на секое семејство: Блажена Дева Марија и свети Јосиф – продолжи Светиот Отец – ги поучуваат семејствата како да ги прифатат децата како Божји дар, да ги раѓаат и воспитуваат, соработувајќи во делото на Создателот и дарувајќи му на светот, во секое дете, една нова насмевка.

Папата напомена дека вистинската семејна радост не е нешто случајно, туку е плод на длабока складност помеѓу луѓето, кои ја вкусуваат убавината на заедништвото и меѓусебното подржување на животниот пат. Меѓутоа, во основата на таа радост е Божјата присутност, Неговата љубов која прифаќа, која е милосрдна и трпелива кон сите – заклучи папата Фрањо.

РВ/С.С.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот