Папата одговори на писмо од затворениците од градот Велетри
Бискупот Албано Марсело Семераро на 5 април служеше света Литургија во подрачниот затвор во градот Велетри, Италија. Затворениците во таа пригода му предадоа писмо за Светиот Отец. Папата им одговара преку писмото кое го објавуваме:
Предраги браќа!
Го примив вашето писмо кое му го предадовте на бискупот Албано. Ви се заблагодарувам што во тешките услови на сегашниот ваш живот мислевте на мене. Ви благодарам за убавите зборови кои ги напишавте за мене. Ви признавам дека и јас често помислувам на лицата кои како и вие живеат во затвор. Од таа причина, на пасторалните посети, секогаш, кога е можно, барам да се сретнам со браќата и сестрите кои како и вие имаат ограничена слобода, да им ја изразам својата љубов и близина, стои во писмото на Папата.
Како што многу добро истакнавте, живееме во Светата година на милосрдието, а сакав еден ден да биде и ден Јубилеј на затворениците па ви гарантирам дека по тој повод, духовно и во взаемна молитва ќе бидам во заедништво со вас. Предраги, вие живеете искуство во кое изгледа како времето да застанало, изгледа дека не минува никогаш. Вистинската мерка за времето не е часот. Надежта е вистинската мерка за време. А јас сакам секој од вас да го држи запалено светлото на надежта во верата дека таа може да го осветли вашиот живот, истакнува папата Фрањо.
Затоа, да ја упатиме следнава молитва до Господ: „Воскреснат Христе, со надеж исполни ги моите часови, денови и години. Помогни ми да го живеам она искуство никогаш да не ја изгубам верата, бидејќи ти никогаш не нѐ отргнуваш“. Бидете секогаш сигурни дека Бог ве сака, нему не му е важна вашата возраст или вашата култура, ниту што сте биле, ниту што сте направиле, ниту кои цели сте ги оствариле, кои грешки сте ги направиле, ниту кои лица сме ги повредиле, истакна Папата.
Не затворајте се во минатото, напротив, преобразете го во од за раст, вера и љубов. Овозможете му на Бог по ова искуство да ве направи посјајни, поттикна на крајот Папата.
РВ/В.Н.