Папата: На сите и насекаде навестувајте: Христос воскресна!
Да не се измориме на сите и насекаде да повторуваме: Христос воскресна! Да го повторуваме тоа со зборови, но пред сè со сведочење со својот живот – рече Светиот Отец на пладневната молитва на 6 април, која во воскресното време е Regina Caeli – Царица на небото.
Папата потсети дека денешниот евангелски дел зборува за жените на гробот на кои воскреснатиот Исус им вели дека учениците ќе го видат во Галилеја што според зборовите на Папата е периферија каде што Исус започнал да проповеда и од каде што ќе започне навестувањето на воскресението.
Преку крштението и ние со-воскреснавме со Христос. Таа е радосната вест која сме повикани да ја донесуваме на другите во било кое опкружување да сме. „Верата во Исусовото воскресение и надежта која ни ја донесе најубавиот дар кој христијанинот може и треба да го понуди на своите браќа“ – објасни Папата, додавајќи дека „радосната вест на воскресението треба да блесне на нашите лица, во нашите чувства и во нашето однесување, во начинот на кој се однесуваме кон другите.“
„Да го навестуваме Христовото воскресение кога неговата светлина ги расветлува мрачните моменти на нашиот живот и да можеме да го споделиме со другите; кога знаеме да се смееме со оние кои се смејат и да плачеме со оние кои плачат; кога го придружуваме оној кој е тажен и е во опасност да ја изгуби надежта; кога ќе го споделиме своето искуство на верата со оние кои ја бараат смислата и среќата. Со нашето однесување со нашето сведочење, со нашиот живот да зборуваме: “Исус воскресна и тоа со целата душа“ – рече папата Фрањо.
Воскресението е настан кој донесе радикална новост за секој човек како и за историјата и за целиот свет, а тоа е „триумф на животот над смртта“. Да дозволиме Исусовото воскресение да го преобрази нашиот живот – поттикна Светиот Отец, доверувајќи ја таа накана на Богородица: „Да молиме од Пресвета Богородица тивок сведок на смртта и воскресението на својот Син во нас да ја зголеми воскресната радост.“ Нашата радост – рече Папата – всушност е одраз на радоста на Марија бидејќи таа верно во срцето ги хранела настаните од Исусовиот живот.
По пладневната молитва папата Фрањо ги поздрави поклониците истакнувајќи ги меѓу нив мисијата на движењето Шалом кое во јавноста настојува да ја разбуди свеста за фактот на прогонот на христијаните во светот. Сите треба силно да молиме и конкретно да учествуваме во помош и одбрана на „нашите браќа и сестри“ кои се прогонувани, убивани и обезглавани „само затоа што се христијани. Тие се наши маченици на денешницата и се многубројни; можеме да кажеме дека ги има повеќе од првите векови“ – рече Светиот Отец и уште еднаш повика:
„Се надевам дека меѓународната заедница нема да остане нема и неподвижна пред тоа неприфатливо злодело“ кое ги загрозува „најосновните човекови права. Вистински се надевам дека меѓународната заедница нема (од тоа) да ја сврти главата“ – рече многу сериозно папата Фрањо.
РВ/Д.И.
Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцјата на Католици.мк