Во проповедта за време на Воскресното бдение во Ватиканската базилика, Светиот Отец ги поттикна верниците во Воскресната ноќ да се сретнат со живиот Бог, да направат Исус „да воскресне од гробовите во кои го затворивме, да го ослободиме од формалностите во кои често го затворавме, да се разбудиме од сонот на мирен живот во кој понекогаш го оставаме за да не ни пречи или вознемирува“.
Бројни писатели ја истакнуваат убавината на ѕвездените ноќи. Меѓутоа, воените ноќи се избраздени со светли траги на смртта. Со овие зборови папата Фрањо ја започна својата проповед на Воскресното бдение одржано во базиликата Свети Петар, кое го предводеше кардиналот Џовани Батиста Ре, декан на Кардиналскиот колегиум. Папата ги повика верниците да им дозволат на жените од Евангелието да ги фатат за рака во Воскресната ноќ и со нив да ја откријат „зората на Божјата светлина што свети во темнината на светот“. Папата истакна три глаголи кои го означуваат искуството на жените во Евангелието: гледаат, слушаат и објавуваат.
Поинакви очи
Коментирајќи за тоа како жените го нашле каменот отргнат од празниот гроб, Папата рече дека Велигден започнува со превртување на нашите шеми. Доаѓа со подарок на изненадувачка надеж.
Но, не е лесно да се прими. Понекогаш – мора да признаеме – оваа надеж нема место во нашите срца. Како и кај жените од Евангелието, прашањата и сомнежите преовладуваат и кај нас, а првата реакција на неочекуваниот знак е стравот „со лицата кон земјата“ (сп. Лука 24, 4-5).
„Премногу често гледаме на животот и реалноста со спуштен поглед, денес се фокусираме само на минливото, разочарани за иднината, се затвораме пред нашите потреби, се препуштаме на апатија, додека продолжуваме да жалиме и мислиме дека работите никогаш нема да се променат“, рече тој. Така остануваме неподвижни пред гробот на резигнацијата и фатализмот, ја закопуваме радоста на живеењето. Сепак, Господ на Воскресната ноќ сака да им даде на луѓето поинакви очи, осветлени од надежта дека стравот, болката и смртта нема да го имаат последниот збор за нив.
Не е тука! Жените потоа слушнаа. Двајца мажи во светли облеки им рекоа: „Зошто Го барате Живиот меѓу мртвите? Он не е овде, а воскресна“ (сп. Лука 24,5-6), Добро е да се повторува: Он не е овде! Како што напомена Папата за да можеме да го вовлечеме во нашите шеми кога го бараме само во минливите емоции или во моментите на потреба, а потоа го оставаме настрана и забораваме на него во секојдневните ситуации и конкретните избори; кога ќе помислиме да го затвориме во нашите зборови, формули и навики и забораваме да го бараме во најмрачните моменти на животот, каде што се оние што плачат, се борат, страдаат и се надеваат.
Треба да се слушне и прашањето упатено до жените: „Зошто Го барате Живиот меѓу мртвите?. Не можеме да направиме Пасха, премин, ако продолжиме да престојуваме во смртта, ако остануваме заробеници на минатото, ако во животот немаме храброст да му дозволиме на Бог да ни прости, да се промениме, да прекинеме со злите дела, да го избереме Исус и неговата љубов, ако верата ја сведеме на амајлија, правејќи со Бог убави спомени од минати времиња – нагласи Папата, туку денес да се сретнеме со него како жив Бог кој сака да не преобрази нас и светот. Господ воскресна, рече Светиот Отец, повикувајќи да не се задржуваме околу гробовите, туку да одиме и повторно да Го откриеме Него, Живиот!“
И да не се плашиме да го бараме во лицата на браќата и сестрите, во приказните на оние што се надеваат и оние што сонуваат, во болката на оние што плачат и страдаат: Бог е тука!
Мисионери кои на сите го носат Евангелието на Воскреснатиот
На крајот, жените ја објавуваат радоста на Воскресението. „Велигден не се случува за да ги утеши интимно оние кои ја оплакуваат смртта на Исус, туку да ги отвори срцата за извонредното навестување на Божјата победа над злото и смртта“, рече Светиот Отец. Светлината на Воскресението создава ученици мисионери кои се „враќаат од гробот“ (сп. р. 9), соопштувајќи им го на сите Евангелието на Воскреснатиот.
Иако жените знаат дека би можеле да ги сметаат за луди, тие не се загрижени за својот углед, не го бранат својот имиџ. Не ги мерат чувствата, не калкулираат со зборови. Колку е убава Црквата која на таков начин минува низ „патиштата на светот“, рече Папата, без страв, без тактики и опортунизми, само со желба на сите да им ја пренесе радоста на Евангелието. На тоа сме повикани, посочи Светиот Отец.
Да направиме Исус, Живиот, да воскресне од гробовите во кои го затворивме, да го ослободиме од формалностите во кои честопати го затворавме, да се разбудиме од сонот за мирен живот во кој понекогаш го положувавме за да не ни пречи и да не биде непријатен.
Да го внесеме во секојдневниот живот, продолжи Папата – со гестови на мир во ова време на воени ужаси, дела на помирување во нарушените односи и сочувство за сиромашните, дела на правда среде нееднаквоста и вистина среде лагите. И пред се дела на љубов и братство“, нагласи тој.
Исус е нашата надеж
Нашата надеж се вика Исус, рече Папата на крајот од проповедта, кој нѐ разбуди од најмрачните длабочини на нашата смрт, нè оживеа и нашата тага ја претвори во играње. „Тој е жив и сè уште поминува, преобразува и ослободува. Со Него злото повеќе нема моќ, неуспехот не може да не спречи да почнеме одново, смртта станува премин за почеток на нов живот. Зашто со Исус, Воскреснатиот, ниту една ноќ не е бескрајна, па дури и во најдлабокиот мрак сјае утринската ѕвезда“, рече папата Фрањо на Воскресното бдение.
Својата проповед ја заврши со обраќање до градоначалникот на Мелитопол, Иван Федоров, кој сега е во егзил и беше присутен на бдението, заедно со неколку претставници на украинските власти. Во тој мрак во кој живеете, господине градоначалник, пратеници и пратенички, во темниот мрак на војната, суровоста, сите се молиме, се молиме со вас и за вас, вечерва; се молиме за големите страдања. Можеме само да ви го дадеме нашето присуство, нашата молитва и да ви кажеме: Бидете храбри! Ве придружуваме!, рече папата Фрањо и поздрави со најубавото навестување на украински јазик: Христос воскресе!
Ватикан њуз/к.мк