Не се надеваме на идеи или на убаво место, туку на средба.
Да се надеваш конкретно значи да живееш за средбата со Исус – рече папата Фрањо на 23 октомври 2018 година за време на светата Литургија во домот Света Марта, во Ватикан, зборувајќи за надежта која не е нешто апстрактно и истакна: Мудро е да знаеш да се радуваш на малите животни средби со Господ.
Осврнувајќи се на поимите „вие веќе не сте туѓи и придојдени,“ за кои зборува првото читање од денешната Литургија од Посланието до Ефесјаните (2, 12-22), Папата рече дека тие се дарови кои ни ги дал Бог; дека нѐ направил „граѓани“ се состои во тоа дека ни дал идентитет, лична карта. Бог во Исус го укинува законот за да нѐ помири, отстранувајќи го непријателството, така сите да можеме да му пристапуваме на Отецот во еден Дух. Тој нѐ направи сожители на светиите во Исус. Нашиот идентитет е токму во тоа дека Господ нѐ излекува, дека сме изградени во заедницата и дека го имаме во себе Светиот Дух.
Бог ни дава да одиме кон наследството, сигурни дека сме негови сожители и дека Он е со нас – рече Светиот Отец и толкуваше: Наследството е она што го бараме на својот пат и што ќе го примиме на крајот. Но, треба да се бара секој ден. Она што нѐ води на патот на нашиот идентитет кон наследството е токму надежта, можеби најмала добродетел, но најтешка за разбирање.
Верата, надежта и љубовта се дар. Верата е лесно да се сфати како и љубовта. Но, што е надежта? – праша Папата и одговори: Тоа значи да се надеваш на небото, на средбата со светците, на вечната среќа. Но, што е небото? – повторно праша Папата и одговори: Тоа значи да живееш со надежта и да одиш кон наградата, кон радоста која ја немаме овде, но ќе ја имаме таму… таа е тешко разбирлива добродетел. Таа е понизна добродетел која никогаш не разочарува. Ако се надевате, никогаш нема да бидете разочарани. Надежта е исто така конкретна крепост. Но, како може да биде конкретна ако не го познаваме небото или она што нѐ чека? Нашето наследство е надежта. Не се надеваме на идеи или на убаво место, туку на средба. Исус секогаш ја истакнува таа димензија на надежта, односно тоа исчекување на средбата.
Евангелието од денешната Литургија (Лука 12, 35-38) зборува за средбата на господарот кој се враќа од свадба. Се работи за средбата со Господ, со нешто конкретно и за да ја разбереме, папата Фрањо се послужи со конкретен пример и истакна дека кога мисли на надежта, му доаѓа на памет сликата на бремена жена која чека дете. Оди на лекар ѝ го покажува со ултразвук, гледа дека сѐ е во ред со детето. Радосна е цело време гледа во стомакот за да го милува детето; го очекува детето, живее чекајќи го детето. Таа слика може да ни помогне да сфатиме дека надежта значи да се живее за средбата. Таа жена замислува какво ќе биде детето, постојано ја замислува средбата со детето.
Истакнувајќи ја сликата за бремената жена за да ни помогне да сфатиме што е надежта, и да се запрашаме дали се надеваме конкретно или помалку растресено, гностички, Папата нагласи дека надежта е конкретна и секојдневна, затоа што е средба. Секој пат која ќе го сретнеме Исус во Евхаристијата, во молитвата, во Евангелието, во сиромашните и во заедничкиот живот, го правиме првиот чекор повеќе кон таа кончена средба. Мудрост е да знаеш да се радуваш на малите животни средби со Исус, подготвувајќи се за таа конечна средба.
На крајот Светиот Отец уште нагласи, дека зборот идентитет се однесува на тоа дека сме изградени во заедница, а наследството е силата со која Светиот Дух нѐ води со надеж и поттикна да се запрашаме дали сме христијани ако наследство го чекаме како небо во апстрактна смисла или како конкретна средба.
Ватикан њуз/к.мк