Ангел Господов: Божјата правда не е казна, туку милост што спасува

Ангел Господов: Божјата правда не е казна, туку милост што спасува

Да го делиме товарот еден со друг, да се гледаме со сочувство, да си помагаме, да не се делиме, туку да споделуваме со другите; така христијаните се повикани да ја вршат правдата во Црквата и во општеството. Во своето пладневно обраќање, папата Фрањо зборуваше за посланието на Исус: да не ги осудува грешниците, туку да ги спаси грешниците и да ги направи праведни.

Колку пати сме повикале на правда и сме ја оствариле во однос на претрпеното зло, претрпената неправда, клевета, злоупотреба на власта, мислејќи дека тој што греши мора да плати, згора на тоа дека е правилно да плати, можеби со казната која ја утврдува судот. Сепак, тоа е човечка правда, а не Божја. Од прозорецот на Апостолската палата, на денот кога Црквата го празнува празникот Крштение Господово, во недела 8 јануари 2023 година, папата Фрањо се задржа на таа тема, започнувајќи го своето обраќање со „неверојатната“ сцена за која зборува Евангелието на Литургија, кога Исус ја наведнува главата на брегот на Јордан за да биде крстен од Иван. Одењето на реката за да се крсти било обред во кој луѓето се покајувале и се обврзувале на преобраќање со понизност и со отворено срце. Но, што го поттикнало Христос да го направи тоа?

Гледајќи го Исус како се дружи со грешниците, остануваме изненадени и се прашуваме: Зошто го направил тоа? Зошто Тој, Светецот Божји, безгрешниот Син Божји, одлучил така? Одговорот го наоѓаме во зборовите што Исус му ги упатува на Иван: „Остави го сега тоа, зашто нам ни претстои да ја исполниме секоја правда“ (Матеј 3,15).

Правда која произлегува од љубовта

Што значи да се исполни секоја правда? – праша Папата и објасни дека Исус со крштението сака да ни открие во што се состои Божјата правда, за која дојде да ја донесе на светот. Нема врска со ограниченото и често човечко сфаќање „кој греши нека плати“. Божјата правда – рече Папата – е многу поголема; Неговата цел не е да го осуди грешникот, туку неговото спасение и неговото повторно раѓање, желба на крајот и најтврдокорниот грешник да го направи праведен.

Тоа е праведноста што доаѓа од љубовта, од оние гради полни со сочувство и милосрдие кои се самото срце Божјо, Отецот кој се трогнува кога сме притиснати од злото и кога паѓаме под товарот на гревот и слабоста. Според тоа, Божјата правда не сака да изрекува казни, туку, како што вели апостол Павле, се работи за тоа да нè направи нас, неговите деца, праведни (сп Рим 3, 22-31), да нè ослободи од замките на злото, да нѐ исцели, подигајќи нѐ.

Само милосрдието спасува

Да ги спаси сите грешници, да го земе на себе гревот на целиот свет; тоа е, значи, значењето на тој неверојатен гест што го направи Исус на брегот на Јордан и од кој беше изненаден и самиот Иван. Тој ни покажува дека вистинската Божја правда е милоста која спасува – објасни Папата – љубов која ја споделува нашата човечка состојба, ни станува блиска, сочувствува со нашата болка, влегува во нашата темнина за да ни ја врати светлината. Во исто време, папата Фрањо го цитираше својот претходник Бенедикт XVI, за да ја потврди длабочината и широчината на тоа откупување што Бог им го дава на сите, без никаква разлика, а тоа и него самиот го води да се слезе на дното на бездната на смртта, па така секој човек, дури и оној кој паднал толку ниско што веќе не може да го види небото, да може да ја најде Божјата рака за да се фати за неа (Проповед 13 јануари 2008 година).

Не да се делиме, туку да споделуваме

Најтешката задача за христијаните – според зборовите на Папата – е токму на тој начин да се оствари правдата, не само во Црквата, туку и во општеството, во секојдневниот живот, во односите со другите. Како да се направи тоа? Сигурно не со озборување на браќата, обвинување, брборење, затоа што озборувањето разделува, тоа е смртоносно оружје.

Не со строгоста на оние кои судат и осудуваат делејќи ги луѓето на добри и лоши, туку со милоста на оние кои прифаќаат споделувајќи ги раните и кревкоста на сестрите и браќата, за да можеме повторно да ги подигнеме. Сакам тоа вака да го искажам: не со разделување, туку со споделување со другите. Не за да се создаваат поделби, туку да се сподели со другите. Да правиме како Исус: да споделуваме со другите, да ги носиме товарите еден на друг наместо да озборуваме да споделуваме, да се гледаме со сочувство, да си помагаме. Да се запрашаме: дали сум човек што создава поделби или сум човек што споделува со другите? Дали сум ученик на Исусовата љубов или ученик што озборува, кој создава раздор? Озборувањето е смртоносно оружје. Убива, ја убива љубовта, го убива општеството, го убива братството. Да се запрашаме: дали сум човек што разделува или што споделува со другите?

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот