Папата: Молете со понизно срце кратко и едноставно

Папата на Генералната аудиенција на 1 јуни 2016 година зборуваше за молитвата; за расположението кое треба да го имаме кога го молиме Бог, како и за потребата да молиме со понизно срце; со едноставни и со не многу зборови.

Драги браќа и сестри добар ден!

Минатата среда ја слушнавме параболата за судијата и вдовицата, за потребата да молиме упорно. Денес Исус со помош на друга парабола сака да нè поучи на исправниот став со кој треба да молиме и да го повикуваме милосрдието на Отецот. Како треба да молиме. Вистинското расположение за молитвата. Тоа е параболата за фарисејот и митарот (Лк 18, 9-14)

Двајцата влегуваат во храмот на молитва, но се однесуваат на сосема различен начин, постигнувајќи така спротивни исходи. Фарисејот моли „исправено“ (ред 11) и употребува многу зборови. Да, неговата молитва е благодарност упатена до Бог, но во реалноста е фалење на сопствените заслуги, со чувство на надмоќ во однос на другите кои ги нарекува „разбојници, несправедливи, прељубодејци“ како што покажува примерот– и покажува на оној другиот кој бил таму: „како овој митник“ . Но, токму тука е проблемот: фарисејот го моли Бог ,но всушност гледа не себе. Се моли самиот себе. Наместо пред себе да го има Господ, тој пред себе има огледало. Иако се наоѓа во храмот не чувствува потреба да се понизи пред Божјата величина; стои исправен, чувствувајќи се сигурен како тој да е господар на храмот! Тој ги набројува своите добри дела: беспрекорен извршител на законот и од она што го обврзува и „двапти дневно“ пости и плаќа „десеток“ од сè што поседува.

Сè на сè отколку да моли фарисејот ужива во извршувањето на своите прописи. Истотака неговото однесување и зборовите се далеку од оној начин како треба да се однесува и да зборува за Бог кој ги љуби сите луѓе и не ги мрази грешниците. Спротивно на тоа фарисејот ги презира грешниците, па и тогаш кога ќе види дека тие се присутни. Така фарисејот кој себе се смета за праведен ја прекршува најважната заповед – заповедта на љубовта кон Бог и ближниот.

Не е доволно да се преиспитаме колку молиме, туку треба да се запрашаме и како молиме; или уште подоборо: какво е нашето срце: важно е да го испитаме за да ги вреднуваме своите мисли и чувства и да ја искорениме вообразеноста и лицемерието.

Прашувам сега: Зарем е можно вообразено да молиме? – Не. Може ли да се моли лицемерно? – Не. Можеме да молиме единствено на тој начин пред Бог да прстапуваме онакви што сме. Не, како фарисејот кој моли со ароганција и лицемерие. Сите сме зафатени со лудиот ритам на секојдневието, неретко на милост и немилост на сензации, зашематеност, збунетост.

Потребно е повторно да го пронајдеме патот до своето срце, да ја обновиме вредноста на блискоста и тишината затоа што таму Бог нè сретнува и ни зборува. Единствено од таму појдувајќи можеме да се среќаваме со другите и со нив да разговараме. Фарисејот се упатил кон храмот, сигурен во себе, а не е свесен дека го изгубил патот до своето срце.

Митарот – оној другиот – за разлика од негово храмот се претставува понизно и со каење: стоејќи оддалеку, не смееше дури ни очите да ги подигне кон небото, туку се удираше в гради и говореше: „Боже, биди милостив спрема мене грешникот!“ Неговата молитва е најкратка, а не како она на фарисејот. „Помилуј ме мене грешникот.“ Ништо повеќе. Прекрасна молитва! Собирачите на данок – наречено оправдано митници – се сметале за нечисти луѓе, подложени на странски владетели и омразени и генерално биле поистоветувани со „грешниците“. Параболата поучува дека не сме праведни или грешни по самата своја општествена припадност, туку преку својот однос кон Бог и кон браќата. Делото на каење и малобројните и едноставни зборови на митникот сведочат за неговата свесност со оглед на неговата лоша состојба. Неговата молитва е содржајна. Делува понизно и свесен е за тоа дека на грешникот му е потребно милосрдие. Ако фарисејот ништо не барал затоа што веќе сè поседувал митникот може само да го проси Божјото милосрдие. А тоа е прекрасно: да го просиш Божјото милосрдие. Пристапувајќи со празни раце и признавајќи се за грешник, митарот на сите ни го покажува неопходниот услов за примање на Господовата прошка. На крајот токму тој, така омразен станува слика на вистински верник.

Исус ја завршува параболата со реченицата: „Ви велам: дека тој си отиде дома повеќе оправдан, отколку оној; зашто секој што се возdига, ќе биде понижен, а кој се понижува ќе биде воздигнат.“ (ред 14) Фарисејот е слика токму на расипник кој претендира да моли, но во суштина се перчи пред огледалото. Расипан човек кој се прави дека моли. Кој од овие двајца е расипан? – Фарисејот. Па оној кој во животот се смета за праведен додека другите ги осудува и презира расипан е и лицемер. Горделивоста (и гордоста) имаат влијание на секое добро дело; празната молитва оддалечува од Бог и од другите. Ако Бог сака скромност, но не заради тоа за да нè лиши: понизноста пред сè е неопходниот услов за Бог повторно да нè подигне; за да ја искусиме милоста која доаѓа да ги исполни нашите празнини. Ако молитвата на горделивиот не допира до Божјото срце, понизноста на кутриот го отвора патот. Бог има една слабост: слаб е кон понизните. Пред понизното срце, Бог целосно го отвора своето срце. Таква е понизноста со која Дева Марија ја искажува во химната Величај: „Оти погледна на смиреноста на слугинката своја. (…) милоста Негова е од колена на колена за оние што се бојат од него“ (Лк 1, 48, 50) Нека ни помогне нашата мајка да молиме со понизно срце… Ние од наша страна да ја повториме ова прекрасна молитва: „Боже биди милостив спрема мене грешникот.“

РВ/к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот