Во понеделник, 29 мај 2023 година, во Апостолската палата во Ватикан, папата Фрањо ги прими во аудиенција членовите на Конгрегацијата на регуларни свештеници на свети Павле (Варнабити) и духовното семејство на свети Антониј Марија Захарија по повод одбележувањето на 125. годишнината од канонизацијата на нивниот основач и во светлината на две важни општи поглавја кои се пред нив.
Во своето обраќање Светиот Отец потсети на изразот на нивниот основач, свети Антониј Марија Захарија, кој на своите следбеници им порача: „Морате да трчате како луди! Трчајте кон Бога и кон другите!“ Проширувајќи го овој поттик, папата Фрањо се осврна на три главни точки: односот со Христос, апостолската ревност и креативната храброст.
Ако во нашиот живот на вера го изгубиме од вид погледот за навестување, на крајот ќе се затвориме во себе и ќе венеме во пустинските предели на самореференцијалност. Ни се случува истото што му се случува на спортистот кој продолжува да се подготвува за голема трка во својот живот без да се помрдне од место: порано или подоцна тој паѓа во депресија и се предава на очај, неговиот ентузијазам пресушува. И така стануваме тажни ученици. Но, ние не сакаме да станеме тажни ученици! И тука го поставувам прашањето: дали постои овој црв на тага во мене? Дали понекогаш дозволувам во мене, монах, лаик, да влезе тој црв? Некој рече дека тажен христијанин е христијанска тага и тоа е вистина. Но, тагата не смее да навлезе во нас посветените луѓе, а ако некој ја почувствува таа тага, веднаш нека оди кај Господ и нека се помоли за просветлување и нека побара брат или сестра да му помогнат да излезе од неа, рече Папата.
Тешко нам ако не го навестуваме Христос! Затоа ве охрабрувам да одите напред во насоката на која упатува вашата харизма: „Носете го живиот Дух Христов насекаде“. „Живиот“ Христов Дух е оној кој го освојува срцето, кој ве тера да станете од фотелјата и да излезете кај браќата, со лесен ранец и поглед полн со милосрдие. Носете го овој Дух насекаде, не исклучувајќи никого и истовремено отворајќи се кон нови форми на апостолство, во свет кој се менува и кој има потреба од флексибилни и отворени умови, заеднички патишта на истражување, со цел да се утврдат соодветни начини за пренесување на едното и единственото Евангелие засекогаш.
Папата Фрањо, исто така, ја истакна важноста на креативноста во Црквата, како што тоа го правеше и свети Антониј Марија, прифаќајќи ги исправките и објаснувајќи ги своите постапки, притоа „чувајќи го заедништвото со послушност“. На крајот, тој ја истакна важноста од „заедничката работа“ како заедница, споделување на нашите животи, работа, молитви, страдања и радости.
„Заедништвото во животот и во апостолатот е всушност првото сведоштво на кое сте повикани да го дадете, особено во свет поделен со борби и себичност. И затоа, повтори Папата, „Трчајте како луди, кон Бога и кон другите, но заедно!“.
На крајот Светиот Отец им даде благослов на присутните, барајќи од нив да се молат и за него.
Ватикан њуз/к.мк