Од проповедта на Папата: Бидете внимателни да не станете млаки, комотни христијани

Бидете внимателни да не станете млаки, комотни христијани – опомена Светиот Отец во проповедта на светата Литургија на 18 ноември во капелата на домот Света Марта, истакнувајќи дека христијаните секогаш треба да одговараат на Исусовиот повик на преобраќање.

Преобраќањето е милост, т.е. посета од Господ – рече Папата осврнувајќи се на литургиските читања во кои се зборува за повиците за преобраќање. Во првото читање Бог ги повикува христијаните во Лаодикија  да се преобратат бидејќи биле млаки, комотно живееле мислејќи: правам тоа што можам, живеам во мир и нека никој не ме вознемирува – рече Светиот Отец, додавајќи:

Таквите мислат дека имат сè: „Одам на неделна литургија, понекогаш  молам, добро се чувствувам, во милоста Божја сум, богат сум, ништо не ми треба, бидејќи сум богат.“ Таквата душевна состојба е показател на грешноста: духовната удобност е состојба на грешност. На таквите Бог им вели: „бидејќи си млак ќе те изблуам од устата Своја“. Им советува да се облечат бидејќи комотните христијани се голи – истакна Светиот Отец.

Зборувајќи дека Бог повикува на преобраќање и „привидните“ христијани кои веруваат дека се живи, а всушност се мртви, рече дека на таквите Бог им советува будност. Надворешноста е нивната смрттна облека: мртви се. Бог и нив ги повикува на преобраќање – рече Папата поттикнувајќи ги сите да се запрашаат за својот христијански живот: дали се млаки, комотни или привидни, односно мртви.

Осврнувајќи се на делот од Евангелието по Лука рече дека описот на Закхеј, богат началник на митниците, па расипан бидејќи го издал својот народ работејќи за странци, исто така е повик за преобраќање. Закхеј е како бројните управители кои ги познаваме. Не бил ниту млак, ниту мртов; се распаѓал бидејќи бил расипан. Сепак во себе нешто почувствувал, сакал да го види пророкот за Кој зборуваат дека добро говори. Во него делувал Светиот Дух, го посеал семето на љубопитност. Лукав е Светиот Дух – рече папата Фрањо, додавајќи:

Замислете некој познат, важен, но расипан управител каков што бил Закхеј кој не се срамувал да се качи на дрвото за да го види Исус. Закхеј не се срамувал, во него делувал Светиот Дух; во неговото срце влегло Божјото Слово, а со него и радоста. Комотните и привидните христијани не знаат што е радост. Овој расипник веднаш станал радосен, неговото срце се променило и ветил дека четворно ќе го врати она што го украл. Преобраќањето е вистинско ако „допре до џебовите“ – рече Папата осврнувајќи се на христијанскиот живот: Сите сме христијани во срцето и во душата? Но малку се христијаните до чии џебови допрело преобраќањето. Закхеј се преобратил на Исусовиот повик, а некои на повикот одговориле мрморејќи: Отиде во куќата на грешен човек – потсети Папата.

Исус ги повикува сите на преобраќање: млаки, комотни и привидни христијани, кои мислат дека се богати, а всушност се сиромашни, мртви се. Божјото Слово е способно да промени сè, само што ние не сме секогаш храбри да веруваме на Божјото Слово и да прифатиме одвантре да нè оздрави. Црквата сака многу сериозно овие последни недели од литургиската година да размислуваме за своето преобраќање за да можеме да одиме напред на христијанскиот пат, а нè поттикнува да се сеќаваме на Божјото Слово, да го чуваме, да бдееме и да му бидеме послушни за да започнеме нов, преобратен живот – заврши папата Фрањо.

РВ/Д.И.

Категорија: Ватикан

За авторот