Папата го прими ерменскиот патријарх

Папата Фрањо на 9 април ги прими во аудинција членовите на патријаршискиот синод на Ерменската католичка црква. Во таа прилика молеше за жртвите на тој „сакан народ“ кои пострадаа во „големо зло“ – масакарот пред 100 години.

При тоа Светиот Отец повика со Божјо милосрдие за да се оствари помирување „меѓу народите кои сеуште не успеваат да постигнат разумен консензус за толкувањето на тие тажни настани.“

Папата се присети на подрачјата како Алепо кои пред 100 години беа сигурно засолниште за неколку преживеани жртви на „големото зло“, а денес на нив е загрозен опстанокот не само на ерменските христијани, туку и на христијаните воопшто.

Ерменскиот народ – потсети Папата – според традицијата е првиот кој што целиот се преобратил на христијанство во 301 година и затоа го чува восхитот на вредното наследство на духовноста и културата, „заедно со способноста да се опорави по многу години прогон и искушенија на кој беше подложен – рече Светиот Отец.

„Ве повикувам секогаш да го негувате чувството на благодарност кон Господ, за да можете да ја сочувате својата верност кон него и во најтешките периоди. Освен тоа е важно да барате од Бог дар на мудрост на срцата: спомен на жртвите од пред 100 години нè доведува – рече Папата – пред темнината на проблемот на злото, „пред mysterium iniquitatis“.

Како што вели Евангелието – рече Папата – од човечкото срце можат да избијат „најтемните сили, способни за програма на систематско уништување на својот брат, држејќи го за непријател, противник или дури единка без човечко достоинство.“ Но, за верниците – продолжи Светиот Отец – прашањето за злото воведува и во таинството на учествување во откупителското страдање: „Многубројни деца на ерменскиот народ беа подготвени на навестување на Христовото име сѐ до пролевање на крв или смрт со глад во бескрајното прогонство на кое беа подложени.“

Историјата на страдање на ерменскиот народ во еден вид го продолжува Исусовото страдање и во двете се наоѓа семето за воскресение – охрабри папата Фрањо. Пастирите имаат одговорност на лаиците да им ја пренесат таа надеж на воскресението. Папата исто така ги поттикна за грижа околу трајната формација на свештениците и луѓето со посветен живот.

Бенедикт XV заслужи посебно место во говорот на Папата, како една личност која му помагала на народот во неговата тешка историја, повикувајќи го султанот Мехмед V да го спречи масакарот на Ерменците. Тој исто така како „голем пријател на христијанскиот исток“ основал Конгрегација за Источни цркви и свети Ефрем Сирин го вброил меѓу црковните научители.

Папата Фрањо пак меѓу црковните научители го вброи свети Гргур од Нарек на чиј заговор на крајот од аудиенцијата го довери екуменскиот дијалог на Ерменската католичка црква и Ерменската апостолска црква и е заснован на „екуменизмот на крв.“

РВ/Д.И.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцјата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот