Папата: Мирот е дар кој треба да се прифати и да се гради

Мирот не може да се создаде преку ноќ, туку тој е дар кој мора да се прифати и од ден на ден да се гради – рече Светиот Отец во проповедта на светата Литургија во капелата на домот Света Марта на 8 септември 2016 година.

По повеќенеделниот летен одмор Светиот Отец на 8 септември 2016 година – на празникот Мала Богородица – продолжи со служењето на светата Литургија во капелата на домот Света Марта. Во својата проповед зборуваше за задачата на секој христијанин – за градењето на мир.

Папата Фрањо истакна дека е мудро Бог да го молиме за мир – како во малите работи – така и за оние на меѓународно нивно. Мирот е дар Божји кој може да се појави и во најмалите места на пример во срцето на секој човек – на тоа често сокриено место. „Мирот Божји“ може да се покаже дури и во соништата како што бил случајот со свети Јосиф кој се двоумел дали да ја земе Марија за жена (или не), но ангелот му кажал да не се плаши затоа што на тој начин таа на светот ќе му го дарува Емануел – „Бог со нас“: овој збор значи „Бог е мир“ продолжи Папата.

Во денешната литургија често се спомнува зборот „мир“ нагласи папата Фрањо. Но за да можеме да го прифатиме овој дар потребен е секојдневен напор. „Тој пат по кој одат и светците и грешниците ни покажува дека и ние сме повикани да го прифатиме дарот на мирот кој мора да влезе во нашите срца и во нашиот свет. Мирот не може да се создаде преку ноќ, туку тој е дар кој мора да се прифати и од ден на ден да се гради. Затоа и можеме да кажеме мирот е буквално „рако-творба“ на луѓето. Ние луѓето мораме од ден на ден да работиме на тоа, тоа е нашата задача,“ порача Светиот Отец. Клучот за остварувањето на таа цел е еден друг збор кој се крие во литургијата на денот – „маленкоста“. Додаде дека Исусовото родно место – Витлеем – толку било мало што дури не можело да се најде на географката карта и продолжи:

„Може убави зборови да се говорат за мирот и да се организираат величествени конференции, но ако во срцето не владее мир; ако нема мир во твоето семејство, во твојот дом или на работа тогаш нема да има мир ниту во светот.“ Заради тоа им препорача на сите да го молат Бог „за мир во секојдневието.“ Притоа е важно да се постават следните прашања: „Како е твоето срце денес? Владее ли во него мир? Ако во него не владее мир погрижи се најпрво за своето срце. Како е твоето семејство денес? Владее ли во него мир? Ако не умееш своето семејство или заедница да го унапредиш во мир тогаш е сувишно да се зборува за мир во светот. Затоа запрашајте се: „Какво е денес моето срце?“

РВ/к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот