Папата и европските рабини ги осудија насилствата поради религијата

Папата ги прими во аудиенцијата членовите на делегацијата на Конференцијата на европските рабини, предводени од Великиот рабин на Москва Пинкас Голдшмит и Моше Левин, претседател и извршен директор на Конференцијата.

Во едно општество кое е сѐ повеќе обележано со секуларизам и атеизам, Евреите и христијаните имаат одговорност да дадат придонес „за да се задржи живо религиозното чувство кај модерните луѓе и општество, сведочејќи ја светоста на Бога и на човечкиот живот“, истакна папата Фрањо изразувајќи загриженост од „антисемитските трендови во Европа и некои активности на омраза и насилство“.

 „Секој христијанин треба да ја разобличува секоја форма на антисемитизам, изразувајќи солидарност кон еврејскиот народ“, рече Папата. Тој потсети на 70-годишнината од ослободувањето на нацистичкиот концентрационен логор Бухенвалд, нарекувајќи го „сведок на големата трагедија на холокаустот“. „Сеќавањето на настанот во срцето на Европа, треба да биде предупредување до идните генерации. Затоа, појавите на омраза и насилство против христијаните и против верниците од другите религии, треба насекаде да бидат осудувани “.

Во својот говор пред членовите на Конференцијата на еврејските рабини, која денес вклучува околу 600 рабини, Папата посочи друг важен предизвик за современа Европа – истакнување на духовната и религиозната димензија на човечката личност“. „Во едно општество, сѐ повеќе обележано со секуларизам и заканата на атеизмот, се крие опасноста да се живее како Бог да не постои – рече Папата. Многу често човекот е искушуван да го заземе местото на Бог, да се смета за критериум на сè, да мисли и да го контролира секое нешто, да се чувствува овластен да го користи сè она што го опкружува, според неговата волја“.

На крајот Папата истакна со радост дека „дијалогот меѓу Католичката црква и Еврејските заедници трае веќе половина век“, потсетувајќи во овој контекст на педесеттата годишнина од Соборната декларација „Nostra Aetate“, која ќе биде свечено одбележана на 28 октомври годинава.

РВ/В.Н.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Ватикан

За авторот