Папата: Имаме Мајка која нè брани, поучува и придружува
Светот минува низ криза на напуштеност како сираче – но имаме Мајка која нè придружува и брани е пораката на папата Фрањо од светата Литургија на 15 септември 2016 година во домот Света Марта, на денешниот празник Пресвета Богородица Жаловна.
Евангелието нè води на Калварија (Ив 19, 25-27). Сите ученици се разбегале освен Иван и некои жени. При крстот е Марија Исусовата Мајка: сите ја гледале и покажувале на неа како мајка на разбојник и бунтовник. „Марија тоа го слушала и поминувала низ големи понижувања“, толкува Папата. „Ги слушала и важните луѓе кои ги почитувала затоа што биле свештеници“ како се исмеваат на Исус, повикувајќи го да слегне од крстот. Гледајќи го својот гол и распнат син, продолжува Папата, Марија поминувала низ големо страдање, но не си заминала. Не го негирала синот, Тој бил нејзино тело.“
Папата Фрањо се присети како во Буенос Аирес одел во посета на затворениците и секогаш гледал жени додека чекаат во ред за влез во затворот. „Тие беа мајки. Не се срамеа: нивното тело беше во затворот. Тие жени трпеа срам – толкува Папата – затоа што луѓето на нив го вперувале прстот прашувајќи ги што направиле нивните синови, но и најлошите понижувања и претресот при влегувањето во затворот. Но, тие беа мајки во посета на своето тело. Така и Марија останала со својот син таму во големото страдање.“
Исус ни вети дека нема да нè остави како сираци (Ив 14, 18) и на Крстот ни ја дава својата Мајка за наша Мајка: „Ние христијаните имаме Мајка Исусовата Мајка, имаме и Отец, Исусовиот татко. Не сме сираци. А таа во тој момент нè раѓа во голема болка. Тоа навистина е мачеништво. Таа со прободено срце прифаќа да нè роди сите нас во часот на болката. И од тогаш Таа станува наша Мајка, се грижи за нас и не се срами од нас, туку нè брани.
Источните мистичари во моментите на потешкотии советувале засолниште под плаштот на Мајка Божја: „таму ѓаволот не може ништо, затоа што таа е Мајка и брани како Мајка. И западната традиција го преземала овој совет и го формулира првиот богородичен антифон: Sub tuum praesidium – „Под твојот плашт, под твојата заштита Мајко.“ Таму сме сигурни“ – нагласува Папата.
Денешниот свет е напуштен како сираче – и можеби токму овие зборови „Ете ти мајка! Можат да бидат од помош. „Имаме мајка која нè брани, поучува и придружува и не се срами од нашите гревови. Не се срами затоа што Таа е Мајка. Нека Светиот Дух пријател и сопатник, Утешителот и Бранителот испратен од Господ направи да го сфатиме големото таинство на мајчинството на Богородица – заврши папата Фрањо.
РВ/к.мк