Папата Фрањо светата Литургија, на 18 мај 2020 година ја служеше во базиликата Свети Петар, во капелата каде што се наоѓа гробот на светиот Иван Павле II, на 100 годишнина од неговото раѓање.
Во проповедта папата Фрањо, зборувајќи за ликот на светиот Папа истакна три негови карактеристики: молитвата, близината до луѓето и чувството за полна праведност која не може да се одвои од милосрдието.
На стотата годишнина од раѓањето на светиот Иван Павле II (18 мај 1920 година), папата Фрањо ја предводеше светата Литургија во капелата на базиликата Свети Петар во која се наоѓа гробот на папата Војтила. Меѓу сослужителите беше кардиналот Анџело Комастри папски викар за градот Ватикан и архипрезвитер на ватиканската базилика; полскиот кардинал Конрад Крајевски апостолски делител на милостиња; надбискупот Пиеро Марини, кој 18 години беше директор на Папските литургиски славења за време на понтификатот на свети Иван Павле II; и полскиот надбискуп Жан Ромео Павловски водач на Третиот оддел на Државниот секретаријат кој се занимава со дипломатскиот персонал на Светиот Престол.
Таа беше последната утринска света Литургија од серијата свети Литургии кои од 9 март, папата Фрањо ги служеше, а од кои се вршеше директен пренос (live streaming) по укинувањето на служење со учество на народот заради пандемијата од коронавирусот. Бидејќи во Италија и во други земји повторно е возможно да се служи света Литургија со верниците, од 19 мај нема да има директен пренос на светата Литургија во 7.00 часот од домот Света Марта. Папата се надева дека Божјиот народ ќе се врати во заедништво со Господ во светите Тајни, но – како што рече во пладневниот наговор во неделата, почитувајќи ги утврдените одредбите мислејќи на здравјето на сите луѓе.
Во зборната молитва на почетокот на светата Литургија, Папата се молеше Бог, богат со милосрдие, Кој го повикал светиот Иван Павле II да ја води целата Црква да даде, зајакнати со неговото учење, со доверба да го отвориме своето срце за спасителната благодат на Христос, единствениот Спасител на човекот. Во проповедта, осврнувајќи се на литургискиот псалм, истакна дек Господ го сака својот народ, а кога заради таа љубов испраќал некој пророк, Божји човек, израелскиот народ говорел: „Господ го посети својот народ, затоа што го љуби.“ Истото тоа го зборувало мноштвото кое го следело на Исуса. гледајќи што направил.
И ние денес овде можеме да кажеме дека пред 100 години Господ го посетил својот народ, испратил еден човек, го подготвил да биде епископ и да ја води Црквата. Господ го љуби својот народ, Господ го посети својот народ, испрати пастир – рече Папата и истакна три каратеристики на добриот пастир кои ги наоѓаме кај светиот Иван Павле II: молитвата, близината со народот и љубовта кон праведноста.
Светиот Иван Павле II бил Божјиот човек затоа што многу се молел и покрај изобилството од работа која ја имал во водењето на Црквата. Добро знаел дека главната задача на епископот е да моли; тоа го знаел и тоа го правел. Тој бил пример на епископ кој се моли, тоа е неговата главната задача. И нè поучил дека кога епископот навечер прави испит на совеста мора да се запраша: колку часа денес се молев? Тој е човек на молитвата.
Втората крактеристика е човек на близината. Не бил одвоен од народот; напротив повеќе одел да го посетува народот и го обиколи целиот свет барајќи го својот нарот, посетувајќи го, приближувајќи му се. Близината е едно од однесувањето на Бог кон неговиот народ, која станува посилна во Исус. Пастирот е блиску до народот, во спротивно не е пастир, туку поглавар, управител, можеби и добар, но не е пастир. Важна е близината со народот. Светиот Иван Павле II ни даде пример за таа близина; бил блиску до големите и малите, до оние кои кои биле блиску и до оние кои биле далеку, секогаш блиску, секогаш бил близок.
Третата карактеристика на неговиот лик е љубовта кон праведноста. Но, за полна праведност! – истакна папата Фрањо. Бил човек кој ја сакал праведноста, општествената праведност, праведноста на народот, праведноста која ги отстранува војните. Заради тоа светиот Иван Павле II бил човек на милосрдието, затоа што праведноста и милосрдието одат заедно, не можат да се одвојат. Праведноста е праведност, милосрдието е милосрдие, но не може да се најдат едно без друго.
Зборувајќи за човекот на праведноста и милосрдието да се сетиме колку свети Иван Павле II направил за луѓето да го разберат Божјото милосрдие. Да се сетиме колку ја ширел набожноста кон света Фаустина, чиј литургиски спомен сега е раширен во целата Црква. Почувствувал дека Божјата праведност има лице на милосрдие, став на милосрдие. Тоа е дар кој ни го оставил: праведност- милосрдие и праведно милосрдие.
Да го молиме денес на сите нас, а посебно на пастирите на Црквата да ја даде благодатта на молитвата, благодатта на близината и благодата на праведноста- милосрдието и милосрдието-праведноста – рече во проповедта папата Фрањо. На крајот од светата Литургија го молеше Бог да го разгори во нас пламенот на љубовта која постојано го подржувала животот на светиот Иван Павле II и го поттикнала да се потроши за Црквата.
Ватикан њуз/к.мк