Папата: Доаѓам во САД за да бидам блузу до народот

Доаѓам во Соединетите Држави за да бидам близу до народот и да помогнам во одењето низ животот – рече Папата во текот на видео конференцијата со католиците во Соединетите Држави.

„Виртуелната аудиенција“ со верниците од Чикаго, Лос Анџелес и Тексас е организирана во пресрет на посетата на Папата на САД од 22 до 27 септември каде што меѓу останатото ќе учествува на Светската средба на семејствата во Филаделфија.

Слушајќи ги сведоштвата и одговарајќи на прашањата на ученик од едно училиште на Исусовците, мигрант од Мексико и корисниците и персоналот на еден центар за бездомници, Папата ги изрази своите мисли за скромното патување. Јас сум во служба на целата Црква и на сите луѓе со добра волја – рече Папата. За мене е многу важна близината до луѓето и тешко ми е ако не сум им близу. Кога ќе им се приближам, како што ќе дојдам кај вас, послесно ми е да ги разберам и да им помогнам во одењето низ животот. Затоа овој пат е толку важен – рече Папата – за да можам да се приближам на вашето одење и вашата историја.

Валери Херера ученичка во училиштето на Исусовците во Чикаго која ги посетува младите од сиромашните семејства зборуваше на папата Фрањо за тешкотиите на растењето со кожната болест заради која врсниците ја исмевале и за утехата која ја пронашла во музиката. Откако испеа песна на Папата, Светиот Отец потоа одговори на нејзиното прашање – „Што очекувате од нас младите?“ Две работи – рече Светиот Отец: прво, никогаш да не одете сами во животот, туку да бидете во добро друштво со Исус и Марија. Второ, храбро да чекорите напред.

Знате колку е тажно да видете млади кои немаат храброст? Тие се тажни млади, без радост. Храброста ти дава радост, а таа пак дава надеж. Вистина е дека во животот има многу тешкотии. Но, не плашете се! Бидете разумни и внимателни, но не плашете се; вие можете да ги надминете – рече Папата. На една самохрана мајка пак и честиташе затоа што имала храброст да го избере животот и да ги роди своите две ќерки. „Да не се срамуваш, оди со крената глава: Јас не сум ги убила својите ќерки, ги донесов на свет. Ти честитам и нека те благослови Бог “ – рече Светиот Отец.

Еден мигрант од Мексико на Папата му раскажа како морал да започне да работи кога имал 16 години, бидејќи неговиот татко доживеал несреќа. Со сите проблеми во светот како сиромаштвото, нашиот воспитен систем, миграцијата… што според Вас е решението на тие проблеми? – го праша Светиот Отец кој му одговори како гледајќи многу животни неправди размислува за онаа најголемата во историјата – на Исусовиот крст. Во тишината на крстот се гледаат сите драми на светот. Експлоатацијата на човекот не е исправен пат – рече Папата.

Сите сме создадени за општествена хармонија, пријателство. Сите сме одговорни за сè. Никој не може да каже мојата одговорност завршува овде, бидејќи сите сме одговорни за сè, меѓусебно помагајќи си кој колку може. „Општественото пријателство е причината зошто Бог нè создал“ – рече Папата, а изразувајќи се со фудбалскиот речник, рече дека се води натпревар помеѓу „општественото пријателство“ и „општественото непријателство“. Секој од нас во срцето треба да избере страна и да им помогне на другите да ја изберат.

Освен тоа, Папата го слушна сведоштвото и на единаесетгодишното девојче чија мајка дошла од Салвадор бегајќи од насилството на уличните банди. Светиот Отец на крајот на видео конференцијата истакна колку го цени големото залагање на монасите и монахињите во САД и им се заблагодари на групата студенти од Чикаго кои му поклонија Крст.

РВ/к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот