Папата Фрањо се сретна со учесниците на конференцијата за морална теологија организирана од Папскиот универзитет Грегоријана по повод годината посветена на семејството Amoris Laetitia. Семејството е место на духовност, а задачата на научниците е да ги прифатат предизвиците на нашето време и да го анализираат односот меѓу совеста и доброто. Но, во сегашната реалност, истакна тој, семејниот живот е подложен на голем број тешкотии.
Како можат денес христијанските семејства, во радоста и напорите на брачната, синовска и братска љубов, да сведочат за радосната вест на евангелието на Исус Христос? – праша папата Фрањо обраќајќи им се на учесниците на меѓународната конференција за морална теологија што се одржа во петок 13 мај 2022 година, на Папскиот универзитет Грегоријана, во годината посветена на проучување и подобро разбирање на Апостолскиот поттик „Amoris Laetitia“.
Семејството – прво место на верата
Еден од одговорите на ова прашање – според Папата – лежи во моралната теологија која може да се потпре на богатата духовност што никнува во семејството. Семејствата го сочинуваат голем дел од Божјиот народ и тие се првото место каде што живее верата во Исус Христос и меѓусебната љубов – додаде Папата. Во него, сопружниците и децата се повикани да соработуваат во живеењето на Христовото таинство, преку молитва и љубов остварена во конкретноста на секојдневниот живот и ситуации, во меѓусебна грижа способна да внимава никој да не биде исклучен и напуштен.
Нова креативност во моралната теологија
Имено, семејството денес има одлучувачка улога на патот на пасторалното преобраќање на нашите заедници и мисионерското преобразување на Црквата; затоа, потребна е нова креативност и академско проучување на теолошко ниво, со размислувања за односот меѓу бракот и семејството, Светите Тајните, литургиските обреди и пасторалните пракси, важните антрополошки прашања и моралните прашања поврзани со бракот. Потребен е дијалог и слушање на Божјиот народ за да се надмине апстрактната идеја за вистината – рече Папата – за да се открие големото богатство кое го имаат семејствата ширум светот.
Тешкотиите на денешните семејства
Сепак, забележа Светиот Отец, семејниот живот денес е искушуван повеќе од кога било порано. Во ова време на големи и брзи промени многу семејства страдаат од недостаток на работа, пристоен стан или земја во која можат да живеат во мир. Овие тешкотии го оптоваруваат семејниот живот и создаваат проблеми во односите. Има многу тешки ситуации и повредени семејства. Самата можност за создавање семејство денес често е тешка и младите денес тешко се одлучуваат да се венчаат и да имаат деца.
Совест и добро
Во срцето на пасторалниот и теолошкиот ангажман треба да биде препознавањето на нераскинливиот однос меѓу совеста и доброто и покрај трагедиите и тешкотиите во животот – рече Папата. Евангелскиот морал е толку далеку од морализмот, кој буквалното почитување на нормите го прави гаранција за сопствената правда пред Бога, како од идеализмот, кој во име на идеалното добро се обесхрабрува и се оддалечува од можното добро.
Радоста на љубовта
Затоа, неопходно е да се преиспитаат категориите на моралната теологија во нивниот однос и да им се помогне на семејствата повторно да ја најдат смислата на љубовта – рече Папата и ги охрабри моралните теолози да продолжат со својата работа со креативна верност кон евангелието и живото искуство на верниците како радоста во љубовта, која во семејството наоѓа примерно сведоштво, стане делотворен знак на радоста за Бога кој е милосрдие, како и на радоста на оние кои ја добиваат таа милост како дар.
Ватикан њуз/к.мк