Папата: Да ја зграбиме Божјата понуда за спасение

Во пладневниот наговор Светиот Отец се осврна на евангелскиот дел во кој учениците го прашуваат Исуса малку ли се оние кои што се спасат. По молитвата Ангел Господов повика на молитва за Турција и за жртвите од вчерашниот напад.

Господ ни  многу можности за да се спасиме, да поминеме низ спасоносната врата. Таа врата е можност која не треба да се пропушти: не треба да држиме академски говори за спасението туку треба да ја прифатиме можноста за спасение затоа што во еден момент „Господарот ќе стане и ќе ја заклучи вратата“ – рече папата Фрањо во пладневниот наговор на 21 август 2016 година.

„Ако Бог е добар и ако нè сака зошто ја затвора вратата?“ – запраша и веднаш одговори: „Затоа што нашиот живот не е видео игра или сапуница; нашиот живот е нешто сериозно со важна цел која треба да се постигне: вечното спасение.“

Пред молитвата Ангел Господов Светиот Отец се осврна на евангелскиот дел во кој учениците го прашуваат Исус малку ли се оние што ќе се спасат, а Господ одговара: „Потрудете се да влезете низ тесната врата; зашто ви велам мнозина ќе сакаат да влезат и не ќе можат.“ Со сликата за вратата – рече Папата – Христос „сака неговите слушатели да сфатат дека не се работи за прашање на бројот – колку се спасуваат. Не е важно да се знае колку, туку е важно сите да знаат кој пат води до спасението: до вратата.“

А таа врата е самиот Исус – „Тој нè води во заедништво со Отецот каде што пронаоѓаме љубов, разбирање и заштита. Но, зошто таа врата е тесна може да се запрашате. Таа е тесна“ – објасни Папата – „не затоа што е репресивна туку затоа што бара да ја минимизираме и ограничиме својата горделивост и страв“ за да се отвориме за Господ „со понизно и срце со доверба признавајќи се за грешници на кои им е потребна неговата прошка.“

„Божјата врата на милосрдието е тесна, но секогаш е ширум отворена за сите! Бог не е пристрасен, туку секогаш сè прифаќа без разлика. Таа врата е тесна за да ја ограничи нашата горделивост и страв, но отворена затоа што Бог прима без да прави разлика. Спасението кое тој го дарува е постојана река на милосрдие“ која „ги руши сите пречки и отвора неочекувани перспективи на светлина и мир“ – рече папата Фрањо додавајќи: „Вратата е тесна, но секогаш отворена. Да не го заборавиме тоа. Тесна врата, но секогаш ширум отворена.

„Исус денес уште еднаш ни упатува итен повик да дојдеме кај Него, да поминеме низ вратата на полнината на животот, помирувањето и среќата. Тој го чека секој од нас без разлика кој грев сме го направиле – без разлика – за да нè прегрне, да ни ја даде својата прошка. Само Тој може да го преобрази нашето срце, само тој може да даде целосна смисла на нашето постоење, дарувајќи ни вистинска радост.“

„Преминувајќи низ вратата која е Исус, вратата на верата и Евангелието ќе можеме да излеземе од световните ставови, злите навики, егоизмот и затвореноста.“ Кога настапува допир со Божјата љубов и милосрдие – рече – тогаш настапува вистинска промена и нашиот живот станува „осветлен со светлината на Светиот Дух“ – неизгасливата светлина.

Папата Фрањо потоа ги повика сите собрани на плоштадот Свети Петар да се задржат неколку моменти во тишина размислувајќи за сопствените внатрешни пречки за преминување низ вратата на спасението. На крајот поттикна на молитва до Пресвета Богородица за да ни „помогне да ја зграбиме можноста која Господ ни ја нуди, да преминеме низ вратата на верата“ и да дојдеме на „патот на спасението.“ „Љубовта спасува, љубовта уште на земјата е извор на блаженствата за оние кои во кроткоста, трпеливоста и праведноста забораваат на себе и се даруваат за другите посебно за најслабите“ – рече Папата.

По молитвата Ангел Господв рече дека ја примил „тажната вест за крвавиот напад кој вчера се случил во Турција. Да молиме за жртвите, за загинатите и ранетите и да го бараме дарот на мирот за сите“ – поттикна Папата молејќи на таа накана со мноштвото верници Радувај се Маријо.

РВ/к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот