Папата до Кларетинките: Продолжете да сведочите за преобилната Божја љубов

Папата до Кларетинките: Продолжете да сведочите за преобилната Божја љубов

Во понеделник, 24 јули 2023 година, папата Фрањо ги прими во аудиенција Мисионерките Кларетинки по повод нивното 18. Генерално собрание

Светиот Отец на присутните монахињи им кажа дека нивниот пат го потсетува на патувањето до Емаус – каде двајца ученици одат заедно и се среќаваат со ходочасник кого го повикуваат на вечера. Кога ќе откријат дека тој ходочасник е воскреснатиот Исус, ги обзема радост и не можат да си помогнат – одат да сведочат.

„Во настанот за Емаус можеме да ги препознаеме главните елементи на синодалниот процес кој го поминуваме во Црквата: средба, учество, дијалог, заедништво, послание“, рече Папата.

Тоа е она што сакаат и монахињите да го живеат покрај „посебноста на нивната харизма, придружувајќи се на патот на општата Црква“, посочи Папата.

Поаѓајќи од името на дружбата – Монахињи на Марија Безгрешна, мисионерки Кларетинки – Папата ги истакна трите аспекти кои го карактеризираат нивниот повик: маријански, мисионерски и кларетински.

„Вие сте маријански“, рече Светиот Отец, „Безгрешното Срце на Марија ве следи, ве упатува на Пресветото Срце на нејзиниот Син и ви вели: „Што и да ви каже, направете!“ (Иван 2, 5)“. Понатаму, вие се мисионерки, ја носите Исусовата порака каде и да бидете испратени, – како што рече – „со довербата и нежноста на Марија, воплотувајќи ги Господовите зборови и гестови, за да биде присутно во светот неговото Царство на љубовта“. Имаат и кларетинска карактеристика, затоа што се ќерки на свети Антон Марија Кларет. Нивниот основач се застапува за нив и е пример на кој секогаш можат да се угледаат за да научат да негуваат однос мајка-дете со Марија, страст за евангелизација и мисионерска храброст – рече Папата.

„Драги сестри, ве повикувам постојано да ги продлабочувате корените на вашата харизма во овие три карактеристики што ве идентификуваат; тоа е наследството што го примивте и сте повикани да им го пренесете на оние околу вас, „заразувајќи ги“ со радоста на Евангелието. Не плашете се да ги преминете географските, па дури и егзистенцијалните граници, како што тоа го правеше отец Кларет, за да ја запознаат сите изобилната љубов на Божјото Срце“, заврши со своето обраќање папата Фрањо.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот