Во пораката до членовите на Меѓународната католичка комисија за миграција (ICMC) по повод нивната пленарна седница, папата Фрањо го истакна црковното послание на Комисијата и им се заблагодари за нивната посветена работа во помагањето на локалната Црква да одговори на предизвиците поврзани со големиот број бегалци.
Комисијата е основана во 1951 година од папата Пиј XII. со цел да се создаде мрежа меѓу Бискупските конференции ширум светот за да им помогне во пасторалната грижа на мигрантите и бегалците. Во пораката Светиот Отец потсетува на почетоците на комисијата, нагласувајќи дека на актуелната седница ги очекуваат многу важни задачи – меѓу кои и изборот на ново раководно тело, потврдување на новите статути и поставување на оперативни насоки за наредните години. Затоа, Папата нуди и неколку точки за да им помогне во распознавањето на предизвиците.
Колегијалност меѓу бискупите
Самата природа и црковното послание на Комисијата ја разликува од другите организации во граѓанското општество и во Црквата. Тоа е колегијален израз на бискупите за пасторалното дејствување на полето на миграцијата. Бискупите заедно со Папата учествуваат во грижата на општата Црква во врска со мирот, љубовта и единството (Lumen Gentium, 22), потенцира папата Фрањо.
Оттука, напоменува дека Комисијата, спомната во Апостолската конституција Praedicate Evangelium, е вклучена во надлежноста на Дикастеријата за промоција на целосен човечки развој, така што нејзината природа и послание можат да заштитуваат во согласност со нејзините основни принципи. На вашата пленарна седница, вие официјално ги претставувате Бискупските конференции поврзани со Комисијата. Вашето присуство ја потврдува нивната подготвеност да работат заедно за пречек, заштита, промовирање и интегрирање на мигрантите и бегалците, се вели во пораката на Папата.
Две нивоа на дејствување
Црковното послание на Комисијата, продолжува Светиот Отец, се спроведува на две нивоа: ad intra и ad extra. Повикана е најпрво да понуди стручна помош на бискупските конференции и бискупии кои треба да одговорат на денешните многубројни и сложени миграциски предизвици. Според тоа, треба да настојува да промовира развој и спроведување на проекти за пасторална грижа за мигрантите и специјализирана обука на пасторалните работници во областа на миграцијата, во служба на поединечните Цркви и во согласност со нивните соодветни надлежности.
Комисијата е повикана аd extra да одговори на глобалните предизвици и миграциските итности преку фокусирани програми, секогаш во заедништво со локалната Црква. Како граѓанска организација на меѓународно ниво, Папата забележува дека Комисијата е вклучена и во застапувањето. Комисијата ја изразува посветеноста на Црквата и работи на поширока меѓународна свест за прашањата поврзани со миграцијата. На тој начин го поттикнува почитувањето на човековите права и го промовира човечкото достоинство во согласност со социјалната наука на Црквата.
Прифатени, заштитени, сакани
Многу од активностите на Комисијата имаат навистина одлучувачко влијание, рече Папата, заблагодарувајќи им се за нивната работа во изминатите 70 години. Посебно ви благодарам за вашите посветени напори да им помогнете на Црквите да одговорат на предизвиците што ги носи масовното раселување на луѓето предизвикани од конфликтот во Украина, во кој е забележано најголемото бегалско движење во Европа по Втората светска војна, рече Папата. Во исто време, додава Папата, не можеме да заборавиме на милионите баратели на азил, бегалци и раселени лица во другите делови на светот, кои очајнички треба да бидат прифатени, заштитени и сакани. Како Црква, сакаме да им служиме на сите и да работиме посветено за градење на иднината во мир. Имате можност да им дадете лице на добротворните активности на Црквата во нивно име, завршува папата Фрањо.
Ватикан њуз/к.мк