Да се гледа со срце значи да се гледа светот и браќата и сестрите со Божјите очи, рече папата Фрањо во сабота 19 февруари 2022 година, примајќи ги членовите на здружението Voir Ensemble – Да гледаме заедно – кое се грижи за слепи и лица со оштетен вид, а е основана во 1927 година во Лион од Исусовецот Ив Молат.
Во срцето на говорот на Папата беше пасус од Евангелието по Иван кој зборува за Исусовото исцелување на слепородениот човек (Иван 9,1-41). Слепиот не бараше ништо, но Исус во него виде брат кој требаше да биде ослободен, спасен. Она што најпрво го забележуваме – забележа Папата – е погледот на Исус кој ни претходи, кој нѐ повикува на средба, на дејствување, на нежност и братство. Господ не повикува да негуваме нежност и стил на средба – истакна Светиот Отец. Исусовите „ученици исто така го гледаат слепиот, но застануваат на погледот, кој општеството во тоа време го има за слепородените лица; тие биле сметани за луѓе родени во грев, казнети од Бога, заробеници на поглед што исклучува.
Исус ги отфрла предрасудите
Меѓутоа, Исус радикално го отфрла таквиот начин на гледање и упатува зборови на ослободување, прифаќање и спасение: „Ни тој, ниту родителите негови згрешиле“, рече Папата, споредувајќи ја ситуацијата со денешната. Денес за жал, навиканти сме да ги забележуваме само надворешните работи, најповршен поглед. Нашата култура покажува дека луѓето даваат достоинство поради нивниот физички изглед, облека, нивните прекрасни куќи, луксузни автомобили, нивниот социјален статус и богатство. Меѓутоа, како што нè учи Евангелието, дури и денес болно лице или лице со попреченост, почнувајќи од неговата кревкост, неговите ограничувања, може да биде во центарот на средбата со Исус кој се отвора кон животот и верата и кој може да воспостави братски и солидарни односи во Црквата и општеството -истакна Папата.
Црква е полска болница
Срцето на Исус не може да остане рамнодушно на страдањето. Го лекува слепиот, му дарува вид. Затоа нè повикува веднаш да дејствуваме, да ги утешиме, ублажиме и залечиме раните на нашите браќа. Црквата е како полска болница. Колкумина се ранети, на колку браќа и сестри им требаат раширени раце за да ги залечат раните! – забележа Папата и го истакна парадоксот: Слепородениот човек, по средбата со Исус повторно гледа и станува сведок на неговата љубов, додека оние кои имаат вид, и покрај тоа што го сретнале Исус, остануваат слепи.
Да се гледа со срцето
Потсетувајќи се на зборовите од книгата „Малиот принц“ на Сент Егзипери: „Човекот добро гледа само со срцето. Она што е важно е невидливо за окото“, истакна Папата дека гледањето со срце значи да се гледа светот и своите браќа и сестри со Божјите очи. Исус нè повикува да го обновиме нашиот начин на гледање на луѓето и работите. Предлага секогаш нов поглед на нашите односи со другите, особено во семејството, нашите човечки слабости, болест и смрт. Повикува да погледнеме на сето тоа со Божји очи! – истакна Петровиот наледник и додаде: Верата не се сведува на низа теоретски верувања, традиции и обичаи. Таа е врска и начин да се следи Исус, кој го обновува нашиот поглед на светот и нашите браќа.
Сведоци на светлината
Христијаните, сепак, не можат да се задоволат само со тоа да бидат просветлени – истакна Папата. Треба исто така да бидеме „сведоци на Светлината“ (сп. Иван 1,8). Додека фарисејските водачи, затворени во нивните традиции и нивната крутост, го осудуваат слепородениот човек како „грешник“; тој ја исповеда својата вера и станува сведок на Исус и на Божјото дело, дела на милосрдие и љубов која дава живот. И ние сме повикани да сведочиме за Исус во нашите животи во стилот на прифаќање и братска љубов – истакна Папата и на крајот ги охрабри членовите на здружението да продолжат по патот по кој појдоа „заедно да гледаат“ (‘voir ensemble’) со своето срце. Дозволете Исус да ви дојде во пресрет, да ги излечи вашите рани и да ве научи да гледате со срцето. Само Тој вистински го познава човечкото срце, само Тој може да го ослободи од затвореноста и крутоста и да го отвори за животот и надежта – рече Папата и на крајот ги довери на застапништвото на Дева Марија, таа која секогаш нѐ води во средба со Христос, молејќи ја да ги води нивните чекори.
Ватикан њуз/к.мк