Папата: „Глобализација на милосрдието“ како одговор на зголемената миграција
На „глобалниот феномен на миграцијата“ треба да се одговори со „глобализација на милосрдието“. Ова го пишува папата Фрањо објавено во порака за Светскиот ден на мигрантите и бегалците, кој Црквата го одбележува на 18 јануари 2015 на тема „Црква без граници: мајка за сите“.
„Црквата ги раширува рацете, за да ги прифати сите“, особено мигрантите и бегалците кои сакаат да ги остават зад себе тешките услови за живот и опасностите од секаков вид“, така започнува пораката на Папата. Во неа се нагласува дека Црквата е повикана да ја разнесува во светот „културата на прифаќање и солидарност, според која никој не е непотребен и за секој има место“.
Заедно со тоа папата Фрањо го разобличува „срамот и криминалната трговија со луѓе“, како и „сите форми на насилство, експлоатација и ропство“. Затоа се потребни и „порешителни и ефикасни дејства“ со помош на универзална мрежа на соработка базирана на човековото достоинство, наведува Папата, и повикува на соработка меѓу државите и меѓународните организации. Истовремено, предупредува Папата, „треба да се зајакнат напорите за создавање на услови за намалување на причините поради кои цели народи ја напуштаат родната земја поради војните и гладта“.
Потсетувајќи на темата на Светскиот ден, Папата посочува дека „често иселувањата предизвикуваат недоверба и непријателство, дури и во црковните заедници, пред претходно да се запознае животната приказна, прогонот и мизеријата на бегалците“. Во овој случај, објаснува Папата, „сомнежите и предрасудите се во контрадикција со библиската заповед за прифаќање на сиромашниот туѓинец“. „Исус се идентификува со туѓинец, страдалниците и со сите невини жртви на насилството и експлоатацијата“, стои во пораката на Папата.
„Храброста на верата, надежта и милосрдието овозможува да се намали растојанието меѓу човечките драми“, нагласува Папата. „Исус секогаш се очекува да биде препознаен во мигрантите и бегалците, на тој начин нè поканува и ние да ги споделиме средствата и понекогаш да се лишиме од нешто од нашата благосостојба“.
„Мултикултуралниот карактер на современите општества ја охрабрува Црквата кон нови обврски на солидарност, заедништво и форми на евангелизација“. Не е доволно само да се манифестира толеранција, предупредува на крајот папата Фрањо, бидејќи Црквата е повикана „да ги премине границите и помогне за премин од заштита и страв до нов однос, кој ќе се базира на културата на среќавање“.
РВ/В.Н.