Како да се сакаат непријателите?

Ватикан, 18.6.2013 /к.мк/ – Тешко е да се сакаат непријателите, но тоа од нас го бара Исус – истакна папата Фрањо за време на светата Литургија во вторник 18 јуни во капелата на домот Света Марта. Папата истакна дека е многу важно да можеме да им простиме на своите непријатели, дека е основно да молиме за нив, да го молиме Господ да го промени нивното срце. На светата Литургија присуствуваше група соработници од Префектурата за економски работи на Светата Столица, како и една група од Ватиканските музеи.

Како можеме да ги сакаме своите непријатели? Папата во проповедта постави неколку сериозни прашања, спомнувајќи некои драми од човечкиот род. Како може да се сака? – праша Папата – оние кои донесуваат одлуки за бомбардирање и убивање на бројни луѓе. Како може да се сакаат оние кои од од љубов кон парите не дозволуваат лековите да дојдат до старите лица, и ги пуштаат да умираат? Или пак оние кои ги интересира само сопствениот интерес, сопствената моќ и притоа прават многу зло? Изгледа дека е тешко да се сака непријателот – забележа Папата и истакна – но Исус го бара тоа од нас.

Евангелието од овие денови ни го предлага токму тоа Исусово исполнување на законот, од законот на планината Синај до законот на планината на блаженствата – рече Светиот Отец и истакна дека сите ние имаме непријатели, но и ние можеме на другите да им станеме непријатели. И ние многу пати стануваме непријатели на другите, не ги сакаме. А Исус ни вели дека треба да ги сакаме непријателите! А тоа не е лесно! Исто така мислиме дека Исус бара премногу од нас! Да го препуштиме тоа на монасите во манстирите, кои се свети; да го препуштиме тоа на некои други свети души, но во вообичаениот живот тоа не може да функционира. Меѓутоа тоа е можно! – истакна Папата и додаде – Исус вели: „Не, тоа треба да го правиме! Во спротивно сте како цариниците, паганите. Не сте христијани.“

Значи, како можеме да ги сакаме нашите непријатели? Исус ни зборува за две работи – забележа папата Фрањо. Пред се треба да се гледа Отецот кој дава сонцето да изгрева и за добрите и лошите и дождот да паѓа за праведните и неправедните. Бог има љубов за сите – истакна папата Фрањо и продлжи – Исус ни вели да бидеме совршени, како што е совршен Отецот небесен, да го наследуваме Отецот во совршената љубов. Исус им простува на своите непријатели, прави се за да им прости. Осветата не е христијански чин – истакна Папата.

Но, како тогаш можеме да ги сакаме своите непријатели? Молејќи. Кога некој моли за оној поради кој трпиме, тоа е како да доаѓа Господ со миро и ги подготвува нашите срца за мир – истакна Папата. Да се моли. Тоа е она што ни го советува Исус: Молете за своите непријатели! Молете за оние кои ве гонат! И кажи му на Господ: „Промени го неговото срце. Има камено срце, но промени го, дај му срце од месо за да чувствува и љуби – рече Папата. Ви го оставам само ова прашање, па секој од вас нека одговори во своето срце: Дали јас молам за своите непријатели? Дали молам за оние кои не ме сакаат? Ако кажеме „да“, јас ќе кажам: „продолжи понатаму, повеќе моли, тоа е добар пат“. Ако одговорот е „не“, Господ ќе каже: Беднику, и ти си непријател на другите?

Треба да се моли Господ да го промени срцето на тие луѓе. Лесно можеме да кажеме: Но тој ми направи голема глуспост, или тој направи лоши работи, а тоа ги осиромашува луѓето и целиот човечки род. И тогаш, поради тие причини сакаме да се осветиме, според она: око за око, заб за заб – истакна папата Фрањо и додаде – Вистина е дека љубовта кон непријателите не осиромашува. Но не прави сиромашни како и Исус кога дојде кај нас, кога се понизи и стана сиромашен поради нас. Некој може да каже дека тоа не е добро ако „непријателот ме прави сиромашен“ – истакна Светиот Отец, а потоа објасни – Сигурно, според мерилата на светот тоа не е добра работа. Но тоа е патот по кој помина Исус, кој од богат се стори за нас сиромашен. Во тоа сиромаштво, во тоа понижување е Исусовата милост која сите нас не оправда и не направи да бидеме богати.

Тоа е таинството на спасение – истакна Светиот Отец. Простувајќи, со љубов кон непријателот, стануваме сиромашни; љубовта не осиромашува, но тоа сиромаштво е семе за плодност и љубов кон другите. Како што сиромаштвото на Исус стана благодат за спасение и богатство за сите нас… Ние кои сме собрани денес на оваа света Литургија, да помислиме на своите непријатели, на оние кои не не сакаат, би било убаво кога за нив би принеле Света Литургија: Исус, жртвата Исусова за нив, за оние кои не не сакаат.

Но и за нас – додаде Светиот Отец – Господ да не поучи на оваа многу тешка мудрост, но и така убава, бидејќи преку неа стануваме слични на Отецот, нашиот Отец кој дава сонцето да изгрева за сите луѓе, за добрите и лошите. Преку таа мудрост стануваме слични на Синот, Исус, кој понижувајќи се, се стори сиромашен за да не збогати нас со своето сиромаштво – истакна на крајот Светиот Отец. (го*ко)

Категорија: Ватикан

За авторот

Write a Comment

<