„Жив маченик“: Папата Фрањо му оддаде почит на кардиналот кој три децении беше во затвор

„Жив маченик“: Папата Фрањо му оддаде почит на кардиналот кој три децении беше во затвор

На крајот од Генералната аудиенција во среда, 14 февруари 2024 година, папата Фрањо му оддаде почит на кардиналот Ернест Симони, кој беше затворен дваесет и осум години од комунистичкиот режим во Албанија.

На крајот од Генералната аудиенција, папата Фрањо ги остави настрана подготвените текстови. По говорот за историјата на христијанското мачеништво во антички Рим, Папата истакна дека и денес има многу маченици ширум светот и упати посебна поздрав до кардиналот Ернест Симони, кого го опиша како „жив маченик“.

Дваесет и осум години затвор

Роден во селото Трошани, во северна Албанија, во 1928 година, Ернест Симони ги започнал студиите за да стане свештеник во фрањевската заедница кога имал само десет години.

Фрањевскиот манастир во кој престојувал во 1948 година бил ограбен од членови на комунистичкиот режим. Монасите биле стрелани, а искушениците протерани.

И покрај тоа, Симони ги продолжил теолошките студии во тајност, а во 1956 година тајно бил ракоположен за свештеник.

Во 1963 година, по Божиќната света Литургија, Симони бил уапсен и затворен. Зад решетки останал дваесет и осум години, соочен со самица и долги години тешка работа.

Папата Фрањо се сретна со кардиналот Симони за време на неговата посета на Албанија во септември 2014 година и беше трогнат до солзи кога слушна за сите негови страдања. По враќањето во Рим, Папата го прогласи за кардинал.

Зборовите на Папата

Папата Фрањо ја започна својата почит кон кардиналот Симони осврнувајќи се на многуте христијански маченици кои се погребани во Ватикан.

Сите имаме читано и слушано за првите маченици на Црквата, истакна Папата. Дури и овде, каде што сега е Ватикан, има гробишта, а многумина се убиени тука.

Но и денес, нагласи Папата, има многу маченици ширум светот: многу, можеби и повеќе отколку на почетокот. Многумина се прогонувани поради својата вера.

Потоа го претстави кардиналот Симони, истакнувајќи дека поминал 28 години во затвор како резултат на комунистичкиот прогон на црквата во Албанија, за кој рече дека е „можеби најсуровиот“ од тој вид.

Кардиналот Симони „продолжува да сведочи“, истакна Папата. Тој сега има 95 години и продолжува да работи за Црквата без обесхрабрување.

По неговото ослободување од затвор во 1990-тите, кардиналот Симони служел како свештеник, со посебен фокус за помирување во посткомунистичка Албанија.

Драг брат, заврши папата Фрањо, ти благодарам за сведоштвото.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот