Папата ги прими јапонските епископи
„Црквата во Јапонија доживеала обилни благослови, но подеднакво има искусено и страдања. Од тие радости и тешкотии, вашите предци во верата ви го предале живото наследство кое денес ја краси Црквата и ја поттикнува на нивниот пат“, истакна Папата во говорот до јапонските епископи
Папата потсети на „скриените христијани „кои ја зачувале верата и тогаш кога сите свештеници и мисионери биле протерани од земјата. Нив и мисионерската активност, Папата ги нарече два столба на католичката историја во Јапонија“. „Скриените христијани“ и покрај тоа што биле малку, ја одржале верата, бидејќи негувале личен однос со Исус, кој се темелел на силен молитвен живот и залагање за доброто на заедницата. Тоа е поука за мисионерската плодност на денешната Црква, објасни Папата.
Преку крштението сме повикани да бидеме евангелизаторска заедница, дури и ако тоа значи само да се отвори вратата на нашиот дом и да се зачекори во нашето соседство. И покрај тоа што католичката заедница во Јапонија е многу мала, таа е многу ценета поради општествениот допринос, кој произлегува од нивниот христијански идентитет, истакна Светиот Отец.
Јапонските скриени христијани нѐ потсетуваат дека работата поврзана со евангелизацијата бара полно и активно учество на лаиците. Нивното послание е двојно: вклучување во животот на парохиите и месната Црква како и збогатување на општеството со христијанско сведоштво, истакна Светиот Отец.
РВ/В.Н.