Генерална аудиенција: Од јаслите Исус ни го покажува патот до нежноста

Генерална аудиенција: Од јаслите Исус ни го покажува патот до нежноста

Во пресрет на Бадник, папата Фрањо својата катехеза на Генералната аудиенција во среда 23 декември 2020 година ја посвети  на Божиќ, со цел поподготвено да се прослави празникот на воплотението на Љубовта. Во Исус, Бог станува човек за нас, објасни тој, можеме да го отстраниме песимизмот предизвикан од пандемија и заедно да размислиме за светлината што му дава значење на човечкиот живот и на целата историја. Катехезата на папата Фрањо ја пренесуваме во целост.

Драги браќа и сестри добар ден!

Во оваа катехеза, која се одржува непосредно пред Божиќ, сакам да понудам некои импулси за размислување во рамките на подготовките за прославата на Рождеството Христово. Во литургијата на Божиќната вечер, ќе одекне навестувњето до пастирите: „ »Не бојте се! Еве, ви соопштувам голема радост, која ќе биде за сите луѓе; зашто денеска ви се роди во градот Давидов Спасител, Кој е Христос Господ; и еве ви знак: ќе најдете повиен Младенец, како лежи во јасли. “(Лука 2, 10-12).

По примерот на пастирите и ние со духот да се упатиме кон Витлеем, каде што Марија на свет го донесе Младенецот во една штала „затоа што“,Свети Лука вели, „немаше место за нив во гостилницата“ (2,7). Христовото раѓање стана универзален празник, па дури и оние кои не веруваат не можат да одолеат на шармот и убавината на тоа славење. Христијанинот, сепак, знае дека Раѓањето на Господ е одлучувачки настан, неминлив оган што го разгорел Бог во светот и не смее да се меша со површни работи. Важно е да не се сведе на обично сентиментално или консумеристичко славење. Минатата недела го свртев вниманието на тој проблем, посочувајќи дека консумеризмот ни го одзема Божиќ. Не: Божиќ не смее да се сведе на чисто сентиментално или консумеристичко славење, богато со подароци и добри желби, но сиромашно со христијанска вера, но исто така сиромашно и со човекољубие. Затоа е неопходно да се сузбие тој некаков световен менталитет, неспособен да го разбере со сјај опфатената срж на нашата вера, а тоа е: И Словото стана тело и се всели во нас, полно со благодат и вистина; и ние ја видовме Неговата слава, слава како на Единороден од Отецот (Иван 1,14). И тоа е сржта на Божиќ, и многу повеќе, тоа е вистината за Божиќ; нема друга.

Божиќ нè повикува да размислиме, од една страна, на драматичната историјата, во која луѓето, ранети од гревот, постојано се во потрага по вистината, милоста, откупението и од друга страна, на добрината на Бога, кој ни дојде во пресрет за да ни ја соопшти Вистината што спасува и да нè направи учесници во неговото пријателство и неговиот живот. И тој дар на благодатта: тоа е чиста благодат, без наша заслуга. Еден свет отец вели: „Каде и да погледнеш, тука или таму, каде било, барај заслуги и нема да најдеш ништо освен благодат“. Сè е благодат, дар на благодатта.

А тој дар на благодатта го примаме преку едноставноста и човекољубието на Божиќ, и тој може да го отстрани од нашите срца и од нашите умови песимизмот кој денес се прошити уште повеќе поради пандемијата. Можеме да го надминеме ова вознемирувачко чувство на загуба, да не дозволиме да нè надминат порази и неуспеси, во повторно откриената свест дека скромното и сиромашно Дете, скриено и беспомошно е самиот Бог, кој стана човек за нас. Вториот ватикански собор, во познатиот дел од Конституцијата за Црквата во современиот свет, ни зборува дека овој настан се однесува на секој од нас. „Со своето овоплотение Синот Божји на некој начин се соедини со секој човек. „Работеше со човечки раце, размислуваше со човечки ум, одлучуваше со човечка волја, љубеше со човечко срце. Роден од Дева Марија, стана еден од нас, во сѐ сличен на нас, освен во гревот“ (Пасторална конституција Gaudium et spes, 22). Исус, сепак, е роден како Исус пред две илјади години и дали тоа воопшто ме засега? – Да, станува збор за мене и тебе, секој од нас. Исус е еден од нас: Бог е, во Исус, еден од нас.

Оваа реалност ни дава толку многу радост и ни влева толку многу храброст. Бог не погледна на нас одозгора, оддалеку, не помина покрај нас, не сe мрштеше на нашата беда, не се облече со привидно тело, туку целосно ја презеде нашата природа и нашата човечка состојба. Тој не изостави ништо друго освен гревот: тоа е единственото нешто што го нема. Во него е целото човештво. Тој зеде сè што сме, онакви какви што сме.

Тоа е важно за да се разбере за христијанската вера. Свети Августин, размислувајќи за својот пат на преобраќање, во своите Исповеди пишува: „Сè уште не бев доволно понизен за да го поседувам Исус, својот понизен Бог, ниту знаев на што треба да ме научи неговата слабост“ (Исповеди, книга седма, поглавје 18, 24 ) А која е Исусовата слабост? Исусовата „слабост“ е „поучувањето“! Затоа што ни ја објавува Божјата љубов кон нас, Божиќ е празник на овоплотената љубов, љубов родена за нас во Исус Христос. Исус Христос е светлината за луѓето што свети во темнината, која дава смисла на човечкиот живот и на целата историја.

Драги браќа и сестри, овие кратки размислувања нека ни помогнат да го прославиме Божиќ со поголема свесност. Но, постои уште еден начин на подготовка на кој сакам да потсетам, и вас и себе и кој е на дофат на сите, а тоа е кратка медитација во тишина пред јаслите. Јаслите се катехеза на таа реалност, на она што се случило таа година, на тој ден, за кој што слушнавме во Евангелието. Затоа минатата година напишав писмо што би било добро повторно да го земеме во раце. Се вика „Admirabile signum“, „Чудесен знак“. Во школата на свети Фрањо од Асизи, можеме накратко да станеме деца: да се задржиме во набљудување сцената на Исусовото раѓање и да дозволиме во нас повторно да се роди восхитот „чудесниот“ начин на кој Бог сакаше да дојде на светот. Да молиме за милоста на восхитување: нека Господ, пред ова таинство, оваа реалност толку нежна, толку убава, толку близу до нашите срца, ни даде благодат на восхит, да го сретнеме, да му се приближиме, да се приближи до сите нас.

Така нежноста повторно ќе се роди во нас. Пред некој ден, во разговор со некои научници, се зборуваше за вештачка интелигенција и роботи … има роботи програмирани за сѐ и сешто и продолжува да се оди понатаму. И им реков: „Но, што е тоа што роботите никогаш нема да можат да го направат?“ Размислуваа, даваа предлози, но на крајот се согласија за една работа: нежност. Роботите никогаш нема да бидат способни за тоа. И тоа е она што Бог ни го донесува денес: чудесниот начин на кој Бог сакаше да дојде на светот и со тоа нежноста повторно се раѓа во нас, човечката нежност е блиска до Божјата. А денес толку многу ни треба нежност, толку многу ни требаат човечки милувања наспроти толку многу беда! Ако пандемијата нè принуди да држиме одредено растојание едни од други, Исус во јаслите ни го покажува патот на нежноста, да бидеме близу, да бидеме луѓе. Да го следиме тој пат. Среќен Божиќ!

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот