Папата го прими претседателот на Бразил, Луис Инасио Лула да Силва

Папата го прими претседателот на Бразил, Луис Инасио Лула да Силва

Папата Фрањо го прими претседателот на Бразил Луис Инасио Лула на аудиенција во Ватикан. Ова е прва аудиенција по реизборот на Лула за претседател во 2022 година.

Аудиенцијата – стои во соопштението на Канцеларијата за печат на Светиот Престол – на папата Фрањо со бразилскиот претседател Инасио Лула да Силва помина во топла и срдечна атмосфера, кои се познаваат долги години. Ова е прва посета на претседателот Лула на Ватикан од неговиот реизбор во ноември 2022 година да ја води земјата по трет мандат.

Срдечна атмосфера

По средбата со италијанскиот претседател Серџо Матарела, бразилскиот претседател пристигна во Ватикан, каде што се сретна со папата Фрањо во малата сала за состаноци веднаш до салата за аудиенција Павле VI. Средбата на двајцата соговорници траела околу 45 минути зад затворени врати. На крајот, покрај фотографиите со делегацијата и гестовите на срдечност, се разменија подароци. Папата Фрањо на бразилскиот претседател му ја врачи пораката за Светскиот ден на мирот 2023 година, Документот за човечко братство потпишан во Абу Даби, книгата Statio Orbis од 27 март 2020 година, издадена од ватиканската издавачка куќа LEV, и бронзен релјеф со наслов „Мирот е кревок цвет“. Додека ја претставуваше скулптурата, папата Фрањо кажа неколку зборови на шпански, истакнувајќи дека „се наоѓаме во време на војна и мирот е многу кревок“. Првата дама на Бразил на Папата му подари статуа на Дева Марија од Белем, Бразил.

Средба во Државниот секретаријат

По средбата со Папата, бразилскиот претседател беше примен во Државниот секретаријат на Ватикан на разговор со надбискупот Едгар Пења Пара, заменик за општи работи во Државниот секретаријат. „За време на срдечните разговори – стои во соопштението на Канцеларијата за печат на Светиот Престол – беше изразено задоволство за добрите односи меѓу Бразил и Светиот Престол, нагласувајќи ја добрата соработка меѓу Црквата и државата во насока на промовирање на моралните вредности и општо добро“.

„Позитивно – стои понатаму во соопштението – „беше и размената на мислења во однос на општествено-политичката состојба во регионот“; во разговорот, станало збор за „некои теми од заеднички интерес, како што се промовирањето на мирот и помирувањето, борбата против сиромаштијата и нееднаквостите, почитувањето на домородните народи, како и заштитата на животната средина“.

Покана за посета на Бразил

Претседателот Лула јавно истакна дека меѓу темите за кои сака да разговара со папата Фрањо се „борбата против нееднаквоста“ и борбата против гладот „на планета која произведува повеќе храна отколку што троши“. Тој ја спомна поканата упатена до Папата да го посети Бразил по втор пат по неговата посета на Рио де Жанеиро во јули 2013 година за Светскиот ден на млади, неговото прво папско апостолско патување. Претседателот ја спомена во медиумите неговата желба Папата да го посети Círio de Nazaré, еден од најголемите католички фестивали во земјата, кој се одржува секоја година во Белен, во државата Пара.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот