Папата ги прими на аудиенција членовите на Меѓународното здружение за казнено право

Христијаните и луѓето со добра волја се повикани да се бораат, не само за укинување на смртната казна во сите нејзини форми, туку и за подобрување на условите во затворите – беше една од главните теми од говорот кој папата Фрањо го одржа на групата правници, членови ид Меѓународното здружение за казнено право, кој ги прими на аудиенција на 23 октомври. Папата исто така го подигна гласот против трговијата со луѓе, како и против корупцијата.

Доживотната затворска казна е „прикриена смртна казна“, затоа од неодамна ја нема веќе во ватиканскиот Кривичен законик – рече Папата говорејќи, подетално, за тоа што прават државите за да се почитува правдата и како ја одредуваат казната. Светиот Отец зборуваше со вообичаена отвореност, критикувајќи го времето, како што е нашето, во кое политиката и медиумите често поттикнуваат на насилство и на јавни и приватни одмазди, секогаш барајќи некое жртвено јагне. Потсетувајќи дека свеи Иван Павле II, како всушност, и Катехизмот ја осудија смртната казна, папата Фрањо не го осуди само наоѓањето решение со смртна казна, туку предупреди и на таканареченото вонсудско или вонправно извршување на казната, кое го нарече „намерни убивства“ кои ги извршуваат јавните службенци, криејќи се зад државните институции.

Затоа сите христијани и луѓето со добра волја се повикани да се борат, не само да се укинат смртните казни, без разлика дали се легални или нелегални и во сите нејзини форми, туку да се залагаат за подобрување на условите во затворите, почитувајќи го човечкото достоинство на луѓето лишени од слобода – истакна Папата и при тоа додаде дека тоа се надоврзува и на казната за доживотен затвор, која од неодамна веќе не постои во ватиканскиот Кривичен законик. Казната доживотен затвор – според зборовите на Папата – е прикриена смртна казна.

Во целиот говор на Папата евидентна е сомилоста за сите видови криминал кои претставуваат опасност за човечкото достоинство, како и за легалниот казнен систем кој – рече Светиот Отец отворено – во неговата примена понекогаш не е легален затоа што не го почитува достоинството. Во последните децении се прошири уверувањето дека преку јавната казна може да се решат најразлични социјални проблеми, исто како би се препишувал секогаш ист лек за различни болести – забележа Папата. Затоа казнениот систем ги пречекори своите граници и се прошири на подрачјето на слободата и човековите права, но без вистински успех.

Папата Фрањо, на пример, превентивен затвор го нарече современата форма на недозволената прикриена казна, која се крие зад формите на законот. Затоа би можело да има многу повеќе затвореници без да им биде судено, односно осуденици без да бидат почитувани правилата на судската постапка, која што во некои земји достигнува и до 50% од целокупниот број – забележа Папата и предупреди на непристојните затворски услови во различните делови на светот. Причините се често заради недостатоците во казнениот систем, понекогаш заради недоволните инфраструктури и планирања, додека во значителен број на случаи станува збор за самоволното и немилосрдното покажување на моќта над лицата лишени од слобода – рече Светиот Отец.

Осврнувајќи се на суровите, нечовечките и понижувачки мерки и казни, отслужувањето во најстогите затвори Папата го спореди со обликот на мачење. Изолирањето во тие места предизвикува ментално и физичко страдање, која што ја зголемува можноста за самоубивства. Тортурата веќе не се користи само како средство за да се доведе некој да признае или поткаже нешто, туку тоа е вистинска дополнителна болка за сопственото злосторство со самото затворање – со жалење изјави папата Фрањо и додаде дека на тој начин тортурата не се врши само во нелегалните затворски центри или во современите концентрациони логори, туку и во затворите, во установите за малолетници, психијатриски болници и други казнено поправни домови.

Од строгоста на затворот треба да бидат поштедени, пред сѐ децата; – изјави Папата и додаде – ако не потполно, тогаш барем на ограничен начин; потоа старите и болните лица, бремените жени, инвалидите, вклучувајчи ги мајките и татковците кои се единствените одговорни за децата и инвалидите.

Светиот Отец се осврна и на трговијата со луѓе, која е – според неговите зборови – резултат на апсолутната сиромаштија, која опфаќа милијарда луѓе, а најмалку 45 милиони луѓе се приморани на бегство и заради војните конфликти. Бидејќи не е можно да се почне таков слоевит криминал како што е трговијата со луѓе без соучество на државите, делувајќи или со пропуст, очигледно е дека, кога напорите да се спречат или сузбијат тие појави не се доволни, повторно се наоѓаме пред злосторството против човештвото. И уште повеќе – додаде Папата – ако се случи оној кој е одреден да ги заштити лицата и да им ја гарантира слободата, наместо тоа да стане соучесник со оние кои тргуваат со човечките битија, во тој случај државите се одговорни пред своите граѓани и пред меѓународната заедница.

Папата опширно и детално зборување и за корупцијата. Но накратко, корумпиран човек – според него – е оној кој верува дека е победник кој, сосема безобразно, навредува и, доколку може ги прогонува оние кои му противречат. Корупцијата е зло поголемо и од гревот. Отколку да се опрости, тоа зло повеќе треба да биде лекувано – рече Папата.

Истакнувајќи дека кривичната казна е селективна, Светиот Отец напомна дека таа е како мрежата која ги лови само малите риби, додека големите ги остава слободни во морето. Формите на корупција кои сериозно треба да се истребуваат се – според зборовите на Папата – оние кои предизвикуваат големи штети на општеството: економската и социјалната, како и било кој вид на пречки кои го попречуваат функционирањето на судството со намера да се постигне неказнувањето за сопствените или туѓите злодела.

На крајот Светиот Отец ги охрабри присутните експерти за казненото право дека при примената на казните секогаш да се придржуваат кон мерката на внимание. Тоа треба да биде принцип кој ги поддржува казнените системи – рече папата Фрањо и истакна – Почитувањето на човечкото достоинство, не треба да биде како граница на самоволноста и на претерувањата од страна на државните службеници, туку и мерка за ориентација во спречувањето и сузбивањето на однесувањето кое е најголем напад на достоинството и интегритетот на човекот.

РВ/З.А.

Категорија: Ватикан

За авторот