Христијанинот секогаш треба да живее во исчекување на Господ

Да направиме за Божиќ, како Марија, место за Исус кој доаѓа – поттикна папата Фрањо на светата Литургија на 23 декември во капелата на домот Света Марта. Папата истакна дека Господ секој ден ја посетува својата Црква, и предупреди на затвореноста на нашите души.

Христијанинот треба секогаш да живее во внимателно исчекување на Господ – напомена Папата.

Божиќ е близу. Овие денови, кои претходат на Господовото раѓање, папата Фрањо истакна дека Црквата е како Марија, во исчекување на породување. И таа го чувствувала тоа што го чувствуваат сите жени во тие моменти. Чувствува внатрешно набљудување во своето тело, во својата душа, чувствува дека доаѓа дете. Марија во срцето чувствува дека сака да го гледа лицето на своето Дете – напомена Папата. Ние, како Црква, ја следиме Богородица на тој пат на исчекување и како да сакаме да побрза тоа Исусово раѓање.

Господ доаѓа два пати – рече Светиот Отец – едно е ова негово доаѓање, кое сега го спомнавме, неговото телесно раѓање, и она кога ќе дојде на крајот да ја заврши историјата. Но, како вели свети Бернард постои и трето раѓање. Тоа е она секојдневното – истакна Папата. Господ секој ден ја посетува својата Црква! Го посетува секого од нас, а и нашата душа е слична на Црквата, нашата душа е слична на Марија. Отците пустинци велат дека Марија, Црквата и нашата душа се женски род; затоа она што ќе се каже за едното може да се каже еднакво и за другите. И нашата душа е во исчекување на Господовото доаѓање; отворена душа која повикува; „Дојди Господи!“

И на секој од нас Светиот Дух го поттикнува на таа молитва: Дојди! Дојди! – продолжи Папата и додаде – Во текот на адвент во предсловието говоревме дека ние, Црквата будно чекаме, како и Марија. А тоа будно чекање е крепост за ходочасникот. Сите ние сме ходочасници – рече Светиот Отец и додаде – Се прашувам: Чекаме ли или сме затворени? Чекаме ли будно или сме на сигурно во некој хотел, на пат, и не сакаме повеќе да одиме понатаму? Дали сме ходочасници или скитници?

Поради тоа Црквата нѐ повикува и ние да го кажеме тоа „Дојди!“ да ја отвориме својата душа и нашата душа овие денови да биде будна во исчекувањето. Треба да бдееме! Што се случува во нас ако Господ дојде, или ако не дојде? Ако има место за Господ, или пак за славење, купување, врева… Дали нашата Црква е отворена како што е отворена Светата Мајка Црква и како што била отворена Богородица? Или нашата душа е затворена, а на нејзините врати сме залепиле пристојна порака која вели: Ве молам да не пречите! – праша папата Фрањо.

Светот не завршува со нас, ние не сме најважни на светот – истакна Папата и додаде – најважен е Господ, со Богородица и со Мајката Црква! Затоа добро ќе направиме ако повторуваме: „О мудрост, о клуч Давидов, о Царе на сите народи, дојди!“ Добро е затоа денес повеќе пати да повториме: „Дојди!“ и да настојуваме нашата душа да не биде онаа која сака да биде вознемирена. Нека биде отворена душа, голема, за овие денови да го прими Господ, и да почне да го чувствува тоа што Црквата ќе го каже утре во антифонот: „Знајте дека денес доаѓа Господ! И денес ќе ја видите неговата слава!“ – истакна на крајот папата Фрањо.

РВ/Д.И.

Категорија: Ватикан

За авторот