Папата: Сиромаштвото е соблазна, Бог ќе побара од нас да поднесеме сметка

Папата: Сиромаштвото е соблазна, Бог ќе побара од нас да поднесеме сметка

Во својата проповед на светата Литургија по повод 7. Светски ден на сиромашните, Папата ги охрабри верниците да бидат дар за другите пред рамнодушноста на презафатеното и расеано општество. „Мислиме на оние кои се угнетени, уморни, маргинализирани, жртви на војни и оние кои ја напуштаат својата земја ризикувајќи ги своите животи; на оние кои се без леб, без работа и без надеж“

Сиромаштвото е искушение на кое мора да се одговори следејќи ја евангелската порака, која ги упатува христијаните да го пуштат милосрдието „во оптек“, да делат леб и да ја умножуваат љубовта. Тоа е охрабрување на папата Фрањо, кое го даде во својата проповед за време на светата Литургија по повод 7. Светски ден на сиромашните, поттикнувајќи ги верниците да реагираат против бројните форми на беда, сузбивајќи ја себичноста. Да не ги закопуваме Господовите добра – поттикна Папата – затоа што кога ќе се врати, ќе побара сметка од нас.

Мислиме на многубројните материјални, културни и духовни форми на сиромаштво во нашиот свет, мислиме на ранетите животи кои ги населуваат нашите градови, на сиромашните кои станаа невидливи, чиј крик на болка се удави од општата рамнодушност на презафатеното и расеано општество. Кога размислуваме за сиромаштвото, треба да заборавиме на срамот; сиромаштвото е срамежливо, се крие, затоа треба смело да го бараме. Мислиме на оние кои се угнетени, уморни, маргинализирани, жртви на војни и оние кои ја напуштаат својата земја ризикувајќи ги своите животи; на оние кои се без леб, без работа и без надеж. Има многу секојдневно сиромаштво; не се двајца или тројца, ги има многу, има многу сиромашни.

Да се биде дар или да се живее себично

Во базиликата Свети Петар присуствуваа пет илјади луѓе, од кои повеќето беа токму оние кои секојдневно го поднесуваат сиромаштвото, лишени од достоинство и основни средства за живот. Пред таквите „многу сиромашни“, папата Фрањо поттикна акција следејќи ја параболата за талантите и предложи два пата што треба да се следат. Првиот е „Исусовото патување“.

Исто како човекот кој пред да замине ги повика своите слуги и им ги даде своите добра, Христос, пред да се врати кај Отецот, им дава на луѓето дарови на Светиот Дух за да можат да го продолжат неговото дело во светот, следејќи го личното послание што Господ им го доверил во секојдневниот живот, во општеството и во Црквата. Исус не го задржал за себе богатството што го добил од Отецот – истакна Папата – туку живеел за луѓето и тоа го вдахновувало на неговото патување во светот пред да се врати кај Отецот.

Во параболата се вели и дека кога ќе се врати, господарот на тие слуги сака да направи сметка со нив, а тоа води кон друг пат: до патувањето на нашиот живот – рече Папата и објасни: Оној по кој луѓето одат за да дојдат на средба со Исус и да бидат воведени во радоста на вечниот живот.

По кој пат одиме во нашиот живот: по патот на Исус кој се направи дар или по патот на себичноста? Преку отворени раце кон другите, за да дадеме, за да се подариме себеси, или преку затворени раце за да имаме повеќе и да се заштитиме само себеси? Параболата ни кажува дека секој од нас, според сопствените способности и можности, добил „таланти“. Но, тука мора да бидеме внимателни: да не се залажуваме со воспоставениот јазик, бидејќи овде не се зборува за личните способности, туку, како што рековме, за Господовите добра, за она што Христос ни остави, враќајќи се кај Отецот.

Христијаните треба да знаат како да ризикуваат

Големиот „капитал“ што Исус им го остави на луѓето е љубовта Господова, основата на нашиот живот и силата на нашето патување; На луѓето им останува, како што е наведено во параболата, да изберат што ќе прават со него.

Можеме да го умножиме она што сме го примиле, правејќи го животот принос на љубов за љубов, или можеме да живееме блокирани од лажната слика за Бога и да ги скриеме богатствата што сме ги добиле под земја, од страв, мислејќи само на себе, не воодушевувајќи се за ништо друго освен за нашите задоволства и интереси, не трудејќи се.

Затоа Светиот Отец им постави јасно прашање на верниците. Прашањето што го поставувам е: дали преземам ризици во животот? Дали ризикувам со силата на мојата вера? Дали како христијанин знам да ризикувам или се затворам од страв или малодушност?

Верата не се живее под земја

Параболата за талентите – рече Папата – е предупредување да провериме во каков дух пристапуваме кон патот на животот. Луѓето кои од Господа го примиле дарот на неговата љубов, повикани се да станат дар за другите, бидејќи ако не ја умножиме љубовта околу нас, животот умира во темнина; ако не ги ставиме „во оптек“ талантите што ги добивме, животот завршува под земја, односно како веќе да сме мртви.

Браќа и сестри, колку христијани се „закопани под земја“, колку христијани ја живеат својата вера како да живеат под земја!

Христијаните се повикани да ги споделат добрата што им ги дал Исус – рече на крајот папата Фрањо – неговата љубов, неговото мислордие, неговото сочувство, радост и надеж, така што секој, во согласност со добиениот дар и посланието што му е доверено, ќе се заземе љубовта да вроди со плод и да биде блиска до некој сиромав.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот