Папата ги прими на аудиенција католичките лекари

Секое дете кое е осудено на абортус го има лицето на Господ – рече папата Фрањо, примајќи ги на 20 септември на аудиенција околу стотина лекари на Меѓународниот сојуз на католички лекарски здруженија, по повод десеттата Меѓународна конференција која се одржа во Рим, до 22 септември, а оваа година со тема: „Нова евангелизација, акушерска пракса и заштита на мајките“. Одлучно „да“ за животот, и тоа без двоумење – подвлече Светиот Отец истакнувајќи дека раширениот менталитет на корист, таканаречената култура на отфрлениот, која денеска ги поробува срцата и умовите на многу луѓе, има многу висока цена; бара, имено, отстранување на човечките битија, најмногу ако се телесно или духовно слаби. Секое неродено дете, неправедно осудено да биде абортирано, го има лицето на Исус Христос, го има лицето на Господ кој веќе пред раѓањето, и после, само што беше роден, го искуси отфрлањето на светот – рече папата Фрањо и додаде дека исто се случува и со постарите луѓе. Иако е немоќна или е на крајот на своите денови, постарата личност го носи во себе Христовото лице. Тие не може да се отфрлат, како што предлага „културата на отфрлениот“! Не може да се отфрлат! – повтори Светиот Отец.

Затоа треба повторно да се истакне – како стои во Изјавата за намерен абортус на Конгрегацијата за наука на верата – дека прво право на една личност е нејзиниот живот. Секој од нас е повикан да го препознае во немоќното човечко битие лицето Господово, Кој во своето човечко тело ја искуси рамнодушноста и осаменоста на која често ги осудуваме најсиромашните, и тоа во земјите во развој, и во добро стоечките општества – примети Папата и истакна дека работите имаат цена, и можат да се продаваат, меѓутоа личностите имаат достоинство, вредат повеќе од работите и немаат цена. Често се наоѓаме во ситуација кога всушност животот е она што чини помалку. Поради тоа вниманието спрема човечкиот живот во неговата целина во последно време стана вистински приоритет на црковното учителство, а посебно внимание кон оној најнезаштитен живот, односно животот на лицата со посебни потреби, на болниот, на оној кој треба да се роди, детето, постарите лица – истакна Светиот Отец.

Со католичките лекари Папата потоа размислуваше за сегашниот историски момент во кој, што се однесува на нивните занимања, живееме – како рече – во парадоксална ситуација. Од една страна – подвлече папата Фрањо – утврдуваме, и Му благодариме на Бога за тоа, напредок на медицината, благодарејќи на работата на научниците кои занесно и не штедејќи се, се посветуваат на барањето на нови можности на лекувања. Од друга страна пак се воочува и опасност од тоа лекарот да го изгуби својот идентитет на служител на животот. Културната дезориентација го зафати и подрачјето кое изгледаше отпорно, а тоа е медицината – додаде Папата. Иако по својата природа се во служба на животот, здравствените занимања понекогаш се поттикнати да не го почитуваат самиот живот. Меѓутоа – како што истакна Светиот Отец спомнувајќи ја енцикликата „Caritas in veritate“ – отвореноста кон животот е средиште на вистинскиот развој. Парадоксот се гледа во фактот, дека додека на личноста и се доделуваат нови права, понекогаш дури и наводни, животот не се штити како главна вредност и првобитно право на секој човек. Крајната цел на лекарското делување секогаш останува заштитата и унапредувањето на животот – истакна Светиот Отец, и додаде дека задача, посебно на гинеколозите, е да бидат сведоци и ширители на културата на животот.

Некогаш жените кои помагале при породувањето ги нарекувале „домајки“; како мајки покрај онаа вистинската мајка. Така сте и вие „домајки“ и „дотатковци“. Кој е католик има уште поголема одговорност, посебно во однос на денешната култура; тој треба да придонесе во човечкиот живот препознавање на надприродна димензија, трага на Божјото создателско дело, и тоа од првиот момент на неговото зачнување – објасни папата Фрањо па додаде – тоа е обврска на новата евангелизација која често бара да одиме против струјата, плаќајќи лично. Господ смета и на вас во ширењето на евангелието на животот – напомна Светиот Отец.

Во тој поглед – рече потоа Папата – гинеколошките одделенија во болниците се привилигирани места за сведочење и евангелизација, бидејќи таму каде што е Црквата средство на присутноста на живиот Бог, истовремено постанува и орудие на вистинското очовечување на човекот и светот. Од тоа гледиште, како што примети Бенедикт XVI во својот говор на Католичкиот универзитет Пресвето Срце во Рим, 2012 година, здравствените установи постануваат место каде односот кон лекувањето не е само повик туку послание. Папата на крајот ги охрабри лекарите на сите да им покажуваат, со зборови и со дела, дека животот секогаш во сите периоди и доби, е свет и дека е секогаш исправен. И тоа не поради говорот за верата, туку поради разумот, поради науката – истакна и додаде – Не постои некој живот кој е посвет од другиот, исто така не постои човечки живот кој е поважен од другиот. Веродостојноста на некој здравствен систем не се мери само по делотворноста, туку пред сè според вниманието и љубовта кон луѓето, чиј живот е секогаш свет и неповредлив – истакна на крајот папата Фрањо.

К.мк/С.С.

Категорија: Ватикан

За авторот