Папата ги нарече угандските маченици национални херои

Папата Фрањо вчера го заврши првиот дел од посетата на Африка, упатувајќи се во попладневните часови од Кенија за Уганда. По слетувањето во втората земја од трите кои ќе ги посети, добредојде му посака претседателот на Уганда, Мусевини.

Папата потоа се сретна со претставниците на власта и дипломатите. Во својот говор, Светиот Отец истакна дека угандските маченици од 19 век, кои не сакале да удоволат на хомосексуалните желби на кралот, се првите национални херои на Уганда.

Тие нѐ потсетуваат, рече Папата, дека сите сме, и покрај нашите различни верски убедувања, повикани да ја бараме вистината, да се залагаме за праведност и помирување, па така да се почитуваме, штитиме и меѓусебно да си помагаме како членови на единственото човечко семејство. Тоа посебно се бара од претставниците на власта, потсети Папата, изразувајќи желба светот да обрати внимание на Африка.

Светот Африка ја гледа како континент на надеж, а Бог навистина ја благословил Уганда со богатства и природни ресурси, со кои треба одговорно да се управува. Но Уганда, пред сѐ е благословена поради својот народ: своите силни семејства, поради младите и старите, истакна Светиот Отец, напоменувајќи дека на младите треба да им се даде надеж, можност за адекватно образование, работа, и пред сѐ, можност за целосно учество во општествениот живот.

Нашиот свет, кој е одбележан со војни, насилства и разни облици на неправди е сведок на преселување на народи кое е без преседан. Тоа е испит на нашата хуманост, на нашето почитување на човечкото достоинство и нашата солидарност со браќата и сестрите во потреба, истакна папата Фрањо.

РВ/В.Н.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот