Сочувство од Папата по повод терористичкиот напад во Египет

Сочувство од Папата по повод терористичкиот напад во Египет

Папата Фрањо упати телеграма со сочувство по повод вчерашниот терористички напад на џамија во Египет, истакнувајќи дека е длабоко нажален поради големата загуба на човечки животи, предизвикани од терористичкиот напад. Имено околу 230 луѓе се загинати, а повеќе од 130 се ранети во нападот на исламските милитанти врз верниците во џамијата на египетскиот полуостров Синај во градот Бир ал Абду.

Според тврдењето на полицијата и сведоците, милитантите пристигнале со теренски возила и започнале да пукаат и фрлиле бомби на верниците, кои се наоѓале во џамијата.

Во телеграмата, која ја потпиша Државниот секретар, кардинал Пиетро Паролин, Светиот Отец ја искажува својата солидарност со египетскиот народ, препорачувајќи ги жртвите на милосрдието на Севишниот и моли за Божји благослов за утеха и мир на нивните семејства. Папата повторно одлучно го осуди дивјачкиот чин на насилство упатен кон невините цивили, собрани на молитва. На крајот папата Фрањо истакна дека се приклучува во молитвите на сите луѓе со добра волја и срцата стврднати од омраза да научат да го отфрлат патот на насилство, кој предизвикува бројни страдања и да се прифати патот на мирот.

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот