Во катехезата на Генералната аудиенција во среда 29 март 2023 година, папата Фрањо зборуваше за свети Павле и неговиот занес за евангелието: преобраќањето за христијанинот значи поминување низ истото искуство на „пад и воскресение“ што го доживеа Савле/Павле и кое е извор на неговата апостолска ревност
Има луѓе кои дале примерно сведоштво за тоа што значи страст за евангелието. Првиот меѓу нив е апостол Павле, а токму нему папата Фрањо – како што најави – сака да посвети две катехези: денешната и следната среда.
На Христовите цркви во Јудеја лично не им бев познат, туку само беа слушале дека оној, кој некогаш нив ги гонел, сега ја проповеда верата, која што порано ја разорувал. И Го прославува Бога за мене (Галатјаните 1,22-24).
Осврнувајќи се на делот од Посланието до Галатјаните, прочитан на почетокот на аудиенцијата, Папата истакна дека ревноста на Павле за Евангелието се појавила по неговото преобраќање и го зазела местото на неговата претходна ревност за јудаизмот. Затоа, тој преминува од ревност за Законот на онаа за Евангелието, од желба да се уништи Црквата во желба да се изгради. Што се случило? – праша Светиот Отец и објасни:
Во случајот на Павле, она што го промени не беше само идеја или верување, туку средба со воскреснатиот Господ – не заборавајте го тоа; она што го менува животот е средбата со Господ – за Савле, средбата со воскреснатиот Господ беше таа што го преобрази целото негово битие.
Христос нè прави ново создание
Папата потоа истакна дека Господ не ја поништува нашата човечност, нашите лични карактеристики, туку го преобразува целото наше постоење. Како што вели самиот Павле: Ако некој е во Христа, тој е ново создание. Запознавањето со Исус Христос те менува одвнатре, те прави поинаква личност – додаде Папата, истакнувајќи:
Да се стане христијанин не е шминка што го менува твоето лице, не! Ако си христијанин, го менуваш срцето, но ако си христијанин по изглед, тоа не е добро… Христијани по шминка, не, тоа не е добро. Да се биде христијанин значи вистинска промена на срцето.
Ова се случи со апостол Павле и Папата инсистира на тоа, па затоа додаде:
Страста за Евангелието не е прашање на разбирање или проучување, вистина е дека тоа е корисно, но не ја будат; попрво, тоа значи повторно да се преживее истото искуство на „пад и воскресение“ низ кое поминал Савле/Павле и кое е извор на преобразбата на неговата апостолска ревност. Можете да ја проучувате целата теологија што ја сакате, можете да ја проучувате Библијата и сето тоа, и да станете атеист или секуларист; тоа не е прашање на проучување; во историјата имало многу атеисти теолози. Учењето е корисно, но не создава нов благодатен живот.
Христијанството без средба со Исус
Поттикнувајќи ги верниците да го испитаат сопствениот живот и да се запрашаат дали Исус навистина влегол во нив, дури и меѓу оние кои се декларираат како христијани, Светиот Отец забележа дека се случува луѓето да се обидуваат да го следат учењето Христово и Црквата, но без вистински личен однос со него.
Тоа е нешто што често ни недостасува, христијанството, не велам без Исус, но со апстрактен Исус… Не! Како Исус влезе во вашиот живот, како влезе во животот на Павле; кога Исус ќе дојде, сè се менува. (…) Ако Исус не влегол во вашиот живот, не се променил. Христијанин можеш да бидеш само однадвор. Не, Исус мора да влезе и тоа те менува, тоа се случило со Павле.
„Елегантни“ и свети католици
Затоа папата Фрањо го привлече вниманието на еден парадокс: сè додека Павле се сметаше себеси за праведен пред Бога, тој чувствуваше дека му е дозволено да прогонува, затвора, па дури и да убива, како во случајот со Стефан; но кога, просветлен од воскреснатиот Господ, ќе открие дека бил „хулник, прогонител и насилник“ (сп. 1. Тимотеј 1,13), тогаш тој почнува да биде вистински способен за љубов. Ова е патот – истакна Папата – чувството на самодоволност не спасува, чувството дека се однесуваме правилно. Кој се чувствува така, може да се нарече елегантен католик, но елегантен католик не е свет католик – истакна тој и додаде:
Вистински католик, вистински христијанин е оној кој го прифаќа Исус кој го менува твоето срце. Тоа е прашањето што ви го поставувам на сите: Што значи Исус за мене? Дали дозволив да влезе во моето срцето или само го држам при рака, но да не влезе длабоко во себе? Дали му дозволив да ме промени? Или Исус е само идеја, теологија што оди напред… А ревност е кога човек ќе го најде Исус, го чувствува огнот и како Павле мора да го проповеда Исус, мора да зборува за Исус, мора да им помага на луѓето, мора да прави добри работи.
Кој ќе застане на идејата за Исус, останува идеолог на христијанството, а тоа не служи за спасение. Господ нека ни помогне да го најдеме Исус, да го запознаеме, а Исус да ни го промени животот одвнатре и да ни помогне да им помогнеме на другите – рече на крајот папата Фрањо.
Ватикан њуз/к.мк