Одлучи: Јосиф или Ирод?
Откако поминаа празнувањата преку ова свето Евангелие (Матеј 2,13-23) Црквата сака да нѐ разбуди и да ни укаже на реалноста, дека се наоѓаме во реалниот живот, кој со себе носи разни проблеми, потешкотии и искушенија…
И токму во еден таков живот, Исус кој се роди во нас за време на празнувањето Рождество Христово, е доведен во опасност, неговиот живот, неговата егзистенција во нас се загрозени. И лесно можеме да останеме без Исус. Денешниот модерен Ирод е облечен во љубомора, оговарање, непростување, завист, горделивост, блудност…. Неговата рака е подготвена да го убие.
Овие денови се многу важни за обновениот христијански живот. Да не се враќаме повторно на стариот наш животен пат. Да не жалиме за него! На тоа нѐ охрабрува и Евангелието кое нѐ известува дека мудреците не се вратија по истиот пат, не се вратија кај Ирод (Матеј 2,12), бидејќи слушнаа во сон вест, го слушаа Словото Божјо. Несакајќи да бидат соучесници во убиството на Богомладенецот на кого му се поклонија, тие ги променија своите животи, се вратија дома по друг пат. И затоа како тогаш, така и денес, не можеме да очекуваме дека модерниот Ирод ќе биде мирен, туку уште повеќе ќе се разгневи, ќе преземи многу нешта само да успее да го убие Христос (сп. Матеј 2,16). Модерниот Ирод и денес го бара малиот Христос во нас за да го убие (сп. Матеј 2,13).
И токму затоа Црквата преку светото Евангелие ни дава пример преку праведниот Јосиф за тоа како денешниот христијанин може да го заштити во себе новородениот Цар, Богомладенецот Христос. Свети Јосиф слуша на Словото Божјо, се упатува на пат, во непознато, но со потполна доверба во Бог. И тој пат воопшто не е лесен, низ пустина, 5-6 дена пешачење, со мало дете….
Ликот на свети Јосиф во суштина е повик на секој христијанин: за да го зачува во себе жив новородениот Цар, треба да се упатиме на пат, кој не е лесен, но со доверба како и самиот Јосиф. Пустината е место каде се искусува присутноста Божја, а за тоа ни сведочи историјата на израелскиот народ. Место за средба со Господ. Самиот Исус се повлекува на „осамено место“ каде во молитва разговара со својот Отец небесен. И токму тоа му е потребно на денешниот човек, да се повлече на „осамено место“, да се отргне од секојдневата галама и вознемиреност и да се повлече во својата внатрешност за да се сретне со Господ, да разговара со Него и на тој начин ќе може да слушне што Бог ни говори. Што Бог бара од мене. Што треба да сторам за него денес. И слушајќи што Бог ни говори преку Словото, преку Црквата, ќе можеме да успееме да го заштитиме од раката Иродова новородениот цар во нашите животи. Истовремено на тој начин ќе овозможиме Богомладенецот да расте во нас, а со тоа ние ќе ја имаме придобивката да растеме во верата Христова која ќе ни дава сила и надеж за нашата борба со гревот.
Денешното Евангелие изобилува и со многу старозаветни пророштва, но најважно од сите пророштва е што Бог ги исполнува секогаш своите ветувања на својот народ, секогаш е верен. И тоа ни дава за право да имаме силна надеж и во сите ветувања кои ни ги дава Христос: нема да ве оставам сираци, каде се двајца или тројца во мое име и јас сум меѓу нив, за воскресението на мртвите, дека оди да ни приготви места во домот на својот Отец небесен, дека пак ќе дојде да им суди на живите и мртвите, ветувањата за животот вечен….
Знаејќи го сето ова на нас останува да одлучиме кој лик ќе го избереме за да не води низ животот: Јосиф или Ирод?
о. Гоце Костов