Божиќен пост

Божиќен пост

„Ете го постот, што го избрав: раскини ги оковите на неправдата, одврзи ги врските на јаремот, и угнетените пушти ги на слобода и скрши го секој јарем.“ (Исаија 58, 6)

Литургиската година според византиски обред вклучува четири периоди на пост

  • Големиот пост за Велигден
  • Пост за празникот на свети Петар и Пaвле
  • Пост за празникот Успение на Пресвета Богородица
  • Пост за Божиќ

Божиќниот пост е прв во црковниот, а последен во цивилниот календар; почнува од 15 ноември до 24 декември (од 28 ноември до 6 јануари според јулијанскиот календар). Божиќниот пост е востановен од Светата Црква со цел за духовно подготвување на верниците за средбата со Бог кој стана Човек. Постот нѐ потсетува на патријарсите, праведните Отци од Стариот Завет и на постот на Мојсеј од 40 дена, на планината Синај, пред да ги добие Десетте Божји Заповеди, испишани на две камени плочи (плочи на законот).

Првите спомнувања во врска со практиката на Божиќниот пост датираат од 4 – 5 век, од свети Августин и од Римскиот бискуп, свети Лав I Велики (папа околу 440. Година) кој изрекол 9 проповеди за Божиќниот пост, наречен десеттиот месец на постот. (…)

Не постои време на пост без да се пости. Се чини, сепак, дека денес многу луѓе сериозно не го сфаќаат постот или, доколку го одржуваат постот, не ја разбираат вистинската духовна цел. За некои постот се состои во симболично откажување од нешто; за други тоа е совесно придржување на правилата за исхрана. Но, и во двата случаи постот е ретко ставен во врска со напорот за испосништво во неговата целост. И затоа ќе се запрашаме како може да го примениме тоа научување во нашиот живот.

Постот или апстиненцијата од храната не е исклучиво христијанска практика. Овие форми на одрекување постоеле и уште постојат во други религии и исто така надвор од религиите, како на пример во одредени специфични терапии. Денес се пости (или се прави апстиненција) за секој вид на причини, а понекогаш исто така и за политички мотиви.

Затоа важно е да ја дофатиме особено христијанската содржина на постот. Тој пред сѐ ни е откриен во меѓусебната зависност од два настани кои ги наоѓаме во Библијата: едниот е на почетокот од Стариот Завет, другиот е на почетокот од Новиот Завет. Првиот настан е кршењето на постот „од страна на Адам во Рајот“. Тој јадеше од забранетиот плод. И така ни беше откриен гревот од почетокот на човештвото. Христос е новиот Адам – и ова е вториот настан – почнува со пост. Адам, искушуван, падна во замката на искушението; Христос беше искушуван и го победи искушението.

Последицата од падот на Адам беше прогонувањето од рајот како и смртта. Плодот од победата Христова беше уништувањето на смртта како и нашето враќање во рајот. Сепак е јасно, дека во оваа перспектива, постот се појавува како нешто одлучувачко и е од исклучителна важност. Постот не е една едноставна „обврска“, една навика според традицијата; тој е поврзан со самото таинство на животот и смртта, на спасението и проклетството.

Во научувањето на Црквата од византиски обред, гревот не е само престап на едно правило, за кое е предвидена казна; тој е секогаш едно осакатување на животот даруван од Бога. Затоа, историјата за гревот на почетокот во однос на човекот ни е претставен како еден чин на јадење. Исхраната всушност е средство за живот; токму исхраната нѐ одржува во живот.

Христос е новиот Адам. Тој доаѓа да ја поправи нанесената штета на животот потчинет од Адам, да го врати човекот во вистинскиот живот, и затоа започна да пости: „И откако постеше четириесет дни и четириесет ноќи, најпосле огладне“ (Мт 4,2).

Тогаш за нас христијаните што е постот? Тоа е нашето влегување, нашето заземање дел од искуството на самиот Христос, преку која Тој нѐ ослободува од севкупната независност од храната, од материјата и од светот. Всушност, нашето ослободување целосно не е реализирано: живеејќи уште во овој паднат свет, свет на стариот Адам, и земајќи дел од него, ние сѐ уште сме зависни од храна.

Но исто така и нашата смрт – преку која допрва треба да ја поминеме – по силата на смртта Христова станала, премин во животот, така што храната која ние ја јадеме и животот кој таа храна го одржува може да бидат живот во Бога и за Бога. Дел од нашата храна станала „храна на бесмртноста“, Телото и Крвта на самиот Христос. Но и насушниот леб кој исто така го добиваме од Бога може да биде, во овој живот и во овој свет тоа што ни дава сила и нѐ става во заедништво со Бога, а не тоа што не разделува од Него. Сепак, за трасформацијата само постот може да придонесе со тоа што ни дава егзистенцијален доказ дека нашата зависност од храната и од материјата не е целосна, ниту пак апсолутна, и дека, обединета со молитвата, со милоста и со обожавањето, може да биде исто така духовна.

 (…) Ако ги знаеме придобивките од постот ќе сфатиме дека е Божји дар. Постот не е само една заповед, туку тој е дар Божји. Една милост, една благодат: Бог нѐ создаде со тело и душа и неопходно е за доброто на нашиот духовен живот, за нашиот духовен раст, да го практикуваме постот. Бог како Отец и учител, ни ја препорача оваа практика.

Не треба да постиме надевајќи се само што побргу да заврши постот, туку напротив, ние мора да се обидеме да го цениме како период и да бидеме желни и среќни да го живееме.

Човекот е поблиску до Бога и повесел за време на постот. отколку за време на периодите кога се јаде и се пие.

Оние кои сакаат да го намалат периодот на постот не ја разбрале предноста и задоволството на постот.

Кои се придобивките од постот за телото

  • Постот е духовно дело
  • Постот не е глад, туку е храна за душата

Бог се обидува да разбереме колку е голема радоста и среќата во практикувањето на постот. Постот им овозможува на телото и на душата да се обединат и да ја постигнат чистотата.

Со оваа обединување може да се моли, да се медитира и да се сака Бога и да се зголемува сѐ повеќе верата.

Апостолите истакнуваат дека со постот не се убива телото, туку желбите. Ако Црквата го утврдува времетраењето на постот тоа е затоа што во постот треба да се пронајдат духовните вредности. а не затоа што тоа е обврска.

Целта на постот секако не е да се лишат луѓето кои постат, туку да му ги отворат своите души на Бога. Треба да се пости затоа што од длабочината на срцето се сака Бога.

Епархија од Лунгро/Византиска Црква/З.А.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Вера, Духовност, Колумни

За авторот