Како Црквата гледа на дарувањето органи?

Како Црквата гледа на дарувањето органи?

Како Црквата гледа на дарувањето органи? Дали е можно да се продаде орган на жива или мртва личност и ако може, тогаш во кој случај?

Ставот на Католичката Црква за дарувањето на органи убаво го изразува светиот папа Иван Павле II во неговата енциклика „Евангелие на животот“ во која тој вели дека тоа е меѓу делата на добрина и сочувство што ја поддржуваат автентичната култура на живот (бр. 86). Во истиот број, тој продолжува: Меѓу тие дела посебно внимание заслужува дарувањето органи направено во етички прифатлива форма, со цел да се понуди можност за здравје, па дури и живот на пациентите кои понекогаш се лишени од надежта. На едно друго место и во друг контекст тој вели, парафразирам, дека е грев да се закопа во земјата што може да спаси живот на друг човек. На овој начин, овој голем Папа многу јасно ја кажува позицијата на Црквата за дарување на органи за време на животот и по смртта, почитувајќи ги се разбира, етичките норми кои го регулираат дарување на органи, пресадувањето и трансплантацијата.

Современата психологија нè учи дека човечкото тело не е маса или збир на органи, ткива, функции без никаква поврзаност со човечката психичка и духовна димензија. Антрополошките науки исто така многу јасно ни го претставуваат човечкото тело како манифестација на личноста како таква, наместо како „инструмент“ за негово лично реализирање.

И бидејќи “идентитетот” на една личност е да се биде жив “дар” (знак и плод на даруваната Љубов на Бога Отецот и Создателот), а “целта” на една личност е да се “дарува”, човечкото тело е човечко токму затоа што тоа е „простор“ во кој и преку кој едно лице се манифестира и реализира како дар што се прави да биде дар за другиот. Едноставно кажано, трошејќи го своето време, своите енергии, сопствениот живот за другите, едно лице го живее својот идентитет на „дар“ и ја постигнува својата цел – „дарувањето“. Прекрасниот збор себедарување совршено ја врамува оваа реалност. Зошто би било поинаку со дарувањето на органи и ткива? Во овој случај не само за време на животот, туку и после сопствената смрт.

Слободно и одговорно донирање на сопствен орган на друга личност, роднина, пријател или странец е чин и знак на голема љубов и длабока чувствителност. Конкретно, тоа е остварувањето на евангелската љубов, вистинско и важно збогатување; тоа е скоро обид да се пристапи до оној чин на Господ Исус: Никој нема поголема љубов од оваа: да ја положи душата своја за своите пријатели (Иван 15, 13). Љубовта, заедништвото, солидарноста и апсолутното почитување на достоинството на човекот го даваат единствениот легитимен контекст за донирање и трансплантација на органи.

Од она што го кажавме, одговорот на второто прашање во врска со продажба на органи е јасен. Не можеме да про-дадеме, да дадеме нешто што на нас ни е дадено, дарувано и кое сме повикани да го дадеме, доколку е потребно. Тоа е внатрешната логика на секој подарок, а животот и здравјето се дар.

Дарувањето на органи сугерира бесплатност, а про-давање на органите, тешко е да се каже, но упатува на проституирање. Така, секоја комерцијализација на човечкото тело (проституција, порнографија) и каква било комерцијализација на човечки органи, ткива е морално неприфатлива.

За жал, и покрај сите национални и меѓународни забрани, трговијата со органи стана еден од позначајните начини за добивање органи. Причината за ваквото однесување е често во недостаток на органи за трансплантација што предизвикува низа проблеми, исто така етички, како што е донирање органи за одредена сума, меѓународна трговија со органи што дополнително го продлабочува јазот помеѓу богатите и сиромашните, употреба на ткиво на неродени деца и многу други. Да го споменеме само случајот со некои сиромашни места во Индија каде што еден дел од целосно здрави луѓе има голема лузна на левата или десната страна на телото во висина на стомакот. Зошто? Затоа што продале бубрег на богат муштерија за да го прехранат сопственото семејство! Уште повеќе е срамно ако насилно се земаат органи од затвореници.

И покрај постојните стравови и можни манипулации во областа на трансплантација на органи, или токму поради нив, итно е потребно да се изгради култура на дарување, и тоа е составен дел од пошироката култура на живот на која нè поканува светиот папа Иван ван Павле II.

Еве што вели Катехизмот на Католичката црква во број 2296 во врска со трансплантацијата и дарувањето на органи: Трансплантацијата на органи е морално неприфатлива ако донаторот или оние кои имаат право на тоа не дале јасно изразена согласност. Трансплантацијата на органи е во согласност со моралот и може да биде прифатливо ако штетата, како и телесните и менталните опасности на кои е изложен донаторот се пропорционални на доброто што се следи кај примателот. (н.з.)

Фра Шимун Билокапиќ/Битно нет/к.мк

Категорија: Колумни

За авторот