Благодараствен говор на првиот епархиски епископ, монс. д-р Киро Стојанов на Новоснованата епархија струмичко-скопска

Благодараствен говор на првиот епархиски епископ, монс. д-р Киро Стојанов на Новоснованата епархија струмичко-скопска

Ваша Еминенцио, господине Кардинале, браќа во епископатот, драги свештеници, чесни сестри, почитувани гости, предраги верници на новата епархија,

На крајот од оваа Божествена литургија, достојно и праведно е, да искажам неколку збора во знакот на благодарноста и молитвите за овој ден кој сигурно ќе влезе во историјата како голем а за нас е голем почетен ден. Слава на Троединиот Бог! Во него живееме, се движиме и сме. Од неговата Промисла, која катадневно не дарува со незаслужени дарови, благодариме за овој чудесен дар – дарот на новата Епархија. Нашите предци – кои поминуваа низ маченичките патеки на прогонство, недоразбирање, кои само во овие и такви околности ја плаќаа цената на својата вера со прифаќање на секоја злоупотреба – дури и не можеа визионерски да сонуваат дека еден ден таа мала, но верна заедница на Бога ќе биде собрана во својата сопствена црковна единица – епархија. Го спасуваа и го бранеа својот сопствен живот, сопствената верска традиција, обред и јазик. Ние денес дочекавме Првосвештеникот на Црквата – Светиот Отец Папа – да ја искаже својата пастирска грижа и љубов, воспоставувајќи нова епархија со свој епископ (пастир), клер и народот, кои се сега заедница: Епархија Успение на Пресвета Богородица во Струмица-Скопје. Прекраснен е тој чин, со кој ја препознаваме Божјата присустност меѓу нас и нашите предци кога често мислевме дека не можеме понатаму, дека близу е крајот, дека исчезнуваме. Но, Бог дозволи семето на Евангелието од апостол Павле до нашите денови да расте низ многу тешкотии и видливо да се исполни евангелската порака: едни сеат а други жнеат. Тие сееа и по цена на крв, а ние сега ги жнееме плодовите во организираната црковна заедница.

Но, ова не е само историски чекор што би значело ставање “круна на признавањето” од минатото на оваа посебна заедница – посебна по јазик и обред – која низ една долга историја сепак преживеела, туку тоа е нова задача и почеток на животот на оваа заедница како место на евангелизација и реевангелизација во оваа општество. По воздигнувањето во Епархија станавме „Воздигнат знак“ на верата, надежта и љубовта. Бог ни даде и не повика на соработка, неговата Радосна вест и натаму – сега и подобро и поквалитетно – да ја живееме и навестуваме. Во чинот на воспоставувањето на Епархијата не е во центарот организација, туку жив организам на Исусовото мистично тело – црквата. Тоа е Таинство. Сега ја превземаме утше посвесно задачата да на секој начин во пасторалот бидеме уште поквалитетни, да бидеме свесни на својата маленкост – но и на Божјата Величина; на својата немоќ – но и на Божјата Семоќ; на својата слабост – но и на неговата милост, бидејќи сѐ можам во оној кој ме храбри. Фактот што сме малобројна и расфрлана заедница не нѐ обесхрабрува туку напротив, свесни на зборовите од Булата за воспоставување на новата Епархија која вели: „зашто неговото милосрдие ги прави верниците од мали и слаби во храбри и големи“. Светиот Отец не без причина напиша: „со исполнувањето на Божјите заповеди ја наследуваме Мајка Божја…“ Нашиот пасторален план и програма е Марија. Таа со силата на Светиот Дух во себе го носеше Воплотеното Слово – Исус Христос. Отецот го прославуваше со своето предание: Нека ми биде по зборовите Твои! О, колку би сакал да животно – пасторално начело на новата епархија биде токму тааа мисла: Нека ми биде по зборовите Твои. Марија во Светото писмо релативно зазема само неколку реда, нашето присуство во оваа – наша сакана татковина Македонија – сакаме да биде толку скромно, но толку важно, како Марија.

Ваша Еминенција, господине Кардинале, пренесете му ја нашата синовска благодарност на Светиот Отец Папа и нашaта искрена верност и почит кон него. Ние ќе се обидеме да го исполниме ова божествено – историско послание што ни е доверено со овој милосно-историски чин. Благодариме, што ги препознавте малите и скромните. „Големи дела изврши Господ над нас и затоа сме радосни!“

Можеби некој би очекувал сега и програмски говор на новиот и прв епархиски епископ на новата Епархија кој, без свои заслуги, стои меѓу вас во новото пастирко послание. Но, и времето и огромното богатство на чувства ме ограничуваат за подолго излагање. Само едно во мојата скромност и одговорност ќе кажам: Сакам, како Марија да му служам, како што таа му служеше, кај Елисавета, во Витлеем, во егзил, под крстот… да го носам и дарувам Христос на оние кои го бараат. Тоа е единствената програма што ја носам во моето срце.

А сега, драги верници, барам и молам од вас да се молите за мене. Сериозен почеток на новата Епархија е да се молите за својот Пастир, своите свештеници, за да во сѐ ни биде според зборовите на оној за кого ништо не е невозможно, Господ и господар на сѐ.

Ви благодарам на сите кои денес на било кој начин преку молитва, срце, работа и страдања придонесовте за новиот почеток на новооснованата Епархија. Драги верници, во името на Господа, храбро напред!

Категорија: Вера, Вести, Проповеди

За авторот