Воскресение – Бог на надежта

 (…)Во сите воскресни настани кои ни ги дават евангелијата доаѓаме во допир со жените кои одат на гробот и го среќаваат воскреснатиот Господ. Жените стануваат првите сведоци на воскресението. Зошто токму жените? Некои на шега велат: Затоа што Исус така бил сигурен дека веста на далеку ќе се слушне… Но, знаеме дека токму жената е таа која има чувство за раѓање и умирање. Жените останале и под крстот, додека мажите се разбегале. Тие не се плашат од болка, не бегат од неа, тие ја прифаќаат. Со сè се соживуваат. За жена која љуби нема неразрешлива ситуација, ниту безнадежна состојба. И затоа жените можеле да бидат сведоци на новото раѓање, новиот живот кој станува од гробот. Тие не се плашат да излезат во ноќта, да отидат на Исусовиот гроб и да ги покажат своите чувства на жалост за неговото срамно погубување.

Дури тогаш кога ќе се осудиме без страв да излеземе од својата ноќ, колку и да е темна и застрашувачка, дури кога ќе се осмелиме да влеземе во својата мрачна внатрешност, да ги признаеме и да ги покажеме своите чувства онакви кави што се, ќе можеме да дојдеме во допир со Воскреснатиот. Ќе можеме да дојдеме во допир со воскреснатиот живот во себе самите. Но, ако постојано бегам, ако се сокривам зад не знам какви „ѕидови, брави или врати…“ кои самиот сум си ги создал или другите ми ги наметнале како ќе биде можно да ја искусам новоста на животот која ја дава воскресното таинство. Ако не се плашам да го допрам празниот гроб ќе можам да го допрам и Воскреснатиот и во Него да го допрам животот која ја победува смртта.

Во извештајот од Евангелието според Иван за средбата на Марија Магдалена со Воскреснатиот се зборува како ангелите кога ја виделе Марија биле изненадени што на радосен ден некој лее солзи, па ја прашале: Жено зошто плачеш? Марија била толку преокупирана со она што го нема, не ни забележала дека ангелот нејзе и се обраќа. И на нас многу често ни се случува во животот да сме преокупирани со нешто или со некој и не можеме да го слушнеме Оној Кој е. Марија и понатаму ја пребарувала градината и повеќе не обратила внимание на ангелот. Здогледала еден човек и си претпоставила дека е градинарот. Не згрешила. Исус е градинар во градината на новото создавање. Но, потресена од своите чувства, таа не го препознава. Оваа е карактеристично за објава после воскресение – непрепознавање.

Дури по изговарањето на нејзиното име Марија го спознава – Тој е. Исус. Никој друг на тој начин не го изговарал нејзиното име. И во тој час со целото свое битие го препознава и сфаќа – воскресна! Поздравувајќи ја Марија по име Исус покажува дека му е познато сè за нејзиниот живот и дека целосно ја прифаќа онаква каква што е. Воскреснатиот и секој од нас го повикува по име и нè испраќа од градината.

с. Доминика Аниќ/к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

За авторот