Објавен духовниот тестамент на папата Фрањо

Објавен духовниот тестамент на папата Фрањо

Во понеделник 21 април 2025 година е објавен духовниот тестамент на папата Фрањо, документ длабоко личен и со молитвен карактер, кој Светиот Отец лично го составил на 29 јуни 2022 година во Домот Света Марта. Во него тој изразува една единствена желба: неговите овоземни останки да почиваат во базиликата на која тој беше особено посветен – Папската базилика Света Марија Велика во Рим.

„Моите земни останки нека почиваат– во исчекување на денот на воскресението – во Папската базилика Света Марија Велика. Гробот нека биде во земја, едноставен, без декорација, со натпис: Franciscus“ (Папа Фрањо, 29 јуни 2022 година)

Папата Фрањо, роден како Хорхе Марио Бергољо, е познат по неговата длабока побожност кон Пресвета Богородица. Во својот тестамент тој нагласува дека отсекогаш ѝ ја доверувал својата животна, свештеничка и епископска служба на Богородица, поради тоа сака неговото „последно земно патување“ да заврши токму во тоа древно маријанско светилиште. Базиликата Света Марија Велика е местото каде што папата Фрањо секогаш навраќаше да се помоли пред и по секое апостолско патување, доверувајќи ги своите накани на Безгрешната, благодарејќи ѝ за нејзината нежна мајчинска грижа.

Во согласност со неговиот познат стил на скромност, папата Фрањо конкретно бара неговиот гроб да биде: во земја, без посебна декорација, со едноставен натпис: Franciscus, сместен помеѓу капелата Паолина (Salus Populi Romani) и капелата Сфорца.

Трошоците за погребот ќе бидат покриени од средствата на дарителите кои беа однапред одредени од Папата, а администрацијата му е доверена на кардиналот Роландас Макрикас, вонреден повереник на Либеријанската базилика.

Во завршните зборови од тестаментот Папата наведува дека страдањето во последниот период од животот ги принесе на Господа за мир во светот и братство меѓу народите.

Инаку, духовниот тестамент не е само приватна волја, туку моќна порака до Црквата и човештвото: повик за едноставност, предавање на Марија и надеж во воскресението. Во време кога верниците ширум светот се молат за неговата душа, овој тестамент ќе сведочи за животот на папата Фрањо исполнет со вера, понизност и непоколеблива љубов кон Бога и луѓето.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот